Македонија
9. July 2026 - 16:48

Власта се уште без одговор од опозицијата за Изборниот законик

Владејачкото мнозинство сѐ уште не добило одговор од опозициските СДСМ, Левица, ДУИ, Села и Таравари за тоа дали ќе има усогласен став за Изборниот законик пред 15 јули – крајниот рок според кој Брисел ќе цени дали ќе ни додели дополнителни 4 милиони евра од Планот за раст. Премиерот Мицкоски денеска со нов повик, но и со критика до Левица дека, и покрај тоа што првично се усогласила со измените на изборните правила, подоцна се откажала и избегнала одговорност.

Од Левица вчера излегоа со соопштение дека тие ќе ја преземат иницијативата за опозициска средба што ја предложи власта. Но, денеска упатија критики дека овој состанок е само алиби на ВМРО-ДПМНЕ за да не се донесе Изборниот законик.

„Европската Унија обезбедува околу 4 милиони евра поддршка доколку се донесе нов Изборен законик. Но, ако тој повторно не се донесе, според постојниот модел, ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВРЕДИ повторно ќе поделат околу 10 милиони евра државни средства за платено политичко рекламирање. Кога ќе се стават бројките на маса, станува многу појасно зошто некои партии се толку комотни и инсистираат процесот да пропадне“, велат од партијата на Апасиев.

СДСМ денеска нема коментар за Изборниот законик, чии пратеници ги блокираа измените со 10 илјади амандмани. Лидерот на СДСМ, Филипче, синоќа за Сител посредно ја одби и средбата што ја иницира Левица, но повтори и дека нема да дозволат гласање на дијаспората од далечина.