Властите уверуваат дека нема да има недостиг на основни производи
Нема потреба од паника. Основни прехранбени производи ќе има, уверуваат македонските власти. Иако Србија вчера го ограничи извозот на пченица, пченка, брашно и сончогледово масло, контактите продолжуваат, а сите технички проблеми кои ги имаат домашните компании околу тековно се решаваат. Во моментов не постои никаков проблем околу увозот на пченица, пченка или масло за јадење и истиот се одвива непрекинато, согласно потребите и количините кои компаниите си ги определуваат, велат од Министерството за земјоделие.
Поради зголемената побарувачка на домашниот, но и на светскиот пазар, српската Влада воведе квоти - дозволено е да се извезуваат 150 илјади тони пченица, 150. 000 тони пченка, 20. 000 тони брашно и 8 милиони литри масло за јадење. Месечно, производителите ќе поднесуваат барање за извоз и тоа најмногу до 20% од одобрените количини по групи производи. Ако извозниците ги надминат одобрените квоти, следниот месец нема да можат да поднесат барање за извоз, стои во српското соопштение.
Од ресорното министерство во земјава велат дека количините кои им се потребни веќе се договорени и не ги надминуваат бараните квоти.
Инаку, денеска во маркетите има масло за јадење, откако неделава влегоа 2 милиони литри од Србија, за да се одговори на зголемената побарувачка на сончогледовото масло.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
