ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи една изборна единица, но со право да гласа и дијаспората
Демократскиот сојуз и ЛДП поднесоа измени на Изборниот законик со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица.
Првиот човек на ДС, Павле Трајанов вели составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните.
„Ќе се демонтира еднопартискиот начин на владеење. Досегашните промени на власта каде што доминира една политичка партија, во суштина, сите други чинители се елиминирани од учество во носење на круцијалните одлуки. Тежината на пратеникот ќе биде иста, а не како досега. На пример во 6-та изборна единица се бира пратеник со 6.300 гласови, а во трета изборна единица со 10. Тоа значи дека немаат иста поддршка пратениците“ – Павле Трајанов, претседател на Демократски Сојуз
Трајанов вели дека Демократскиот сојуз повеќе од 15 години ја актуелизира потребата од коренити измени на изборните правила, а последниот обид, како што рече, беше блокиран од СДСМ и ДУИ.
Ниту предлогот на ЛДП, пак, за една изборна единица и отворени листи не е нов. Нивните пратеници и во двата претходни парламентарни состави поднесуваа предлог-закони за истата реформа, но тие не добија поддршка.
Пратеничката група на ВМРО -ДПМНЕ ќе поддржи Македонија да биде една изборна единица, но со право да гласа и дијаспората, изјави премиерот Мицкоски. Тој вели партиите досега не седнале да се усогласат околу ова прашање но дека доколку се направат потребните подготовки во дипломатско-конзуларните претставништва, промените може да се применат до наредните парламентарни избори во 2028-ма.
„Јас еве дадов предлог да имаме една изборна единица со можност да гласа и дијаспората онаму каде што законите и Уставот на државите дозволуваат тоа да биде и надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Принципиелно како ВМРО-ДПМНЕ реков и еве ќе повторам пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе поддржиме една изборна единица во која што право ќе имаат да гласа и дијаспората, бидејќи беше адресирано така што ние како Влада некое право оспоруваме, а тоа беше правото на дијаспората да гласа“ – Христијан Мицкоски, премиер
Идеите за една изборна единица одамна се провлекуваат низ политичките кругови, но ниту една досега не стигна до целосно усвојување.
Во Македонија моментално се гласа по пропорционален изборен модел со 6 изборни единици од кои од секоја се избираат по 20 пратеници.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар