Во Франција најавени 250 собири, се очекуваат меѓу 600.000 и 900.000 демонстранти
Во Франција, за денеска се најавени 250 собири по повод Денот на социјалната мобилизација, а според француските медиуми се очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 демонстранти низ целата земја.
Според проценките на француското Министерство за внатрешни работи, се очекува да протестираат во Париз помеѓу 50.000 и 100.000 луѓе.
Синдикатите најавија масовен одѕив на просветни работници, студенти, транспортни работници, таксисти и работници во индустријата, додека речиси 80.000 полицајци ќе бидат распоредени за да обезбедат јавен ред и да спречат немири.
Францускиот министер за внатрешни работи, Бруно Рејтајо, рано утрово, извести за „обид за блокади“ во парискиот регион, особено автобуските станици во Обервилие и Сен Дени.
Прекини во јавниот превоз беа пријавени во неколку поголеми градови низ земјата, вклучувајќи ги Лион (трамваи, автобуси), Марсеј (автобуси), Лил (метро, трамваи, автобуси), Тулуз (метро, автобуси), Бордо (трамваи, автобуси), Нант (трамваи, автобуси) и Стразбур (трамваи, автобуси), јавија француските медиуми.
Денот на социјална мобилизација беше најавен кон крајот на август како одговор на мерките за штедење на буџетот предложени од поранешниот министер за финансии Франсоа Бајру.
Овие мерки предизвикаа отпор од синдикатите, кои изразуваат незадоволство од намалувањето на социјалните права.
На претходниот протест, одржан на 10 септември, се собраа речиси 197.000 луѓе, според податоците од Министерството за внатрешни работи.
МИА
Ново на Сител
-
Втора половина на септември: Децата во Македонија немаат учебници по сите предмети
-
Уставниот суд не поведе постапка за упатството на ДИК
-
Мицкоски: Опозицијата прави предизборни конструкции поради безидејност
-
Кос: Без владеење на правото, нема влез во ЕУ
-
Извршен увид во Трубарево – четворицата осомничени добија уште 48 часа притвор
-
„Ниту една повеќе“- повик за протест на граѓанските организации
-
Обид за убиство во Струга
-
Пресудата за онкологот Мери Пешевска на 22 септември