Македонија
24. February 2023 - 12:27

Во Кочани формирано здружението „За наше Кочани“

По урнекот на Куманово, Прилеп, Тетово и Крушево, во Кочани формирано граѓанското здружение „За наше Кочани“. Разочарани од функционирањето на политичките субјекти во изминатите 30 години, основна задача на здружението ќе биде да се бори за општество без корупција, социјална правда и запирање на бранот на иселување на младите лица од родните огништа.

  • Целта на здружението на граѓани „За наше Кочани“ ќе биде да привлечеме што е можно повеќе граѓани, кои сакаат Македонија да ја видат економски развиена, стабилна со просперитетна младина, без корупцција и со зачуван идентитет. Активностите на здружението на граѓани ќе бидат координирани со активностите на сите други здруженија на граѓани во Македонија со една цел, да обезбедиме една атмосфера, која ќе придонесе за подобро утре на сите наши граѓани, изјави Владимир Данилов, претседател на здружението „За наше Кочани“.

Градоначалникот на Куманово, од каде и потекна иницијативата пред повеќе од една година, истакна дека на граѓаните им се потребни нови можности за излез од лошата состојба. Задоволен е од досега постигнато, но треба да се работи уште многу за нештата да станат подобри.

  • Здружението функционира интензивно, се занимава со голем број хуманитарни активности. До сега броиме над 1000 членови во здружението, кои самоиницијативно се зачленија. Нашите програмски определеби се јасни, заедно со граѓаните сакаме да го дадеме својот максимум и секако да се бориме против сите оние штетни влијанија во општеството- изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Здруженијата првенствено ќе делуваат локално, а кога ќе созреат условите ќе се обединат и ќе дејствуваат на државно ниво.