Македонија
15. November 2023 - 19:48

Во пунктот за лични документи без закажување дневно ќе поминуваат илјада граѓани, ќе работи од 8 до 18 часот

Без гужви и турканици, денеска официјално беше отворен привремениот пункт за обнова на личните документи без закажување. Во кругот на полициската станица Пролет, граѓаните надвор пополнуваа формулари и по 5 до 10 минути чекање влегуваа внатре за да се фотографираат и остават биометриски податоци. Таму процесот оди брзо, па немаше никаков застој во редици.

„-Трошок – не трошок. Личната карта ми важи уште 6 години. Ама морам да ја сменам сега.

-Ми важат уште и пасошот и личната карта, ама да ги сменам тука чим може да се пројде вака“ – жители на Скопје

Сите документи ги нема сменето ниту првиот човек на МВР.

Еден дел од документите ги обновив, мислам дека само личната карта не ми е обновена“ – Оливер Спасовски, министер за внатрешни

Спасовски направи обиколка на новиот пункт. Рече дека ќе биде отворен од 8 до 18 часот, а ако има гужва може да работи и до 20 часот. Во овој временски период, се очекува секојдневно да се услужат илјада граѓани.

Причина за отворање на овој нов пункт беше бројноста на населението во Скопје како и фактот дека 70% од закажните термини кои граѓаните ги имаат резервирано телефонски или електронски ги откажуваат, односно не се појавуваат на тие термини, а притоа презакажуваат нови термини“ – Оливер Спасовски, министер за внатрешни

ВМРО-ДПМНЕ, пак, го критикува ваквиот начин.

Овој хаос зад мене е сликата како СДС со Оливер Спасовски замислува европеизација. Македонски даночни обврзници ги втера во хангар да вадат документи, да ги фотографира, небаре е постконфликтен Авганистан“ – Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ

Досега обновени се најмногу пасоши - над еден милион, околу 900 илјади лични карти и половина милион возачки дозволи.

Сите граѓани треба да извадат нови документи со додавката „Северна“ најдоцна до 12 февруари следната година.