Во Штип се одржа изложба на збирка на римски монети
Раритетна изложба во уметничката галерија „Безистен“ во Штип. Изложена е збирка на римски монети од Брегалничкиот басен, а овде се наоѓале поради транзитниот карактер на регионов и воено-историските случувања. Уште поголемо значење на целата оваа изложба се дава, затоа што сите имаат археолошка позадина, односно, пронајдени се по пат на археолошко ископување.
- Презентирани се монети од Римскиот империјален период. Има многу интересни примероци, бидејќи тука се наоѓаат и монетни изданија од римското провинциско монетоковање, значи Римска провинција Македонија, Горна Мезија и Тракија, примероцикоишто со нивниот раритет ќе бидат, навистина, интересни за штипската поширока публика,изјави Гордана Јанеа, нумизматичар и автор на изложбата.
Збирката од римскиот период ја поседува Завод и Музеј-Штип и истата е валоризирана како културно наследство со големо значење. Целата збирка ја чинат петстотини примероци, а сега се изложени само 100.
- Се работи за една колекција што долги години се собираше, односно се обработуваше и на крајот доби повисоко значење целата валоризација на оваа збирка, што е од големо значење. Дел од тие монети коишто се собирани, обработувани и конзервирани на крај стигнавме до фаза да ги покажеме до пошироката јавност, изјави Митко Штерјов, директор на завод и музеј-Штип.
Ова е претпоследна изложба на штипскиот Завод и Музеј во рамки на Штипското културно лето. На 28 јули, в петок, ќе бидат изложени уметнички слики од музејската збирка.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар