Второ мислење за секоја кардиохируршка интервенција и во државно и во приватно здравство
Не тројца туку 5 стручни доктори ќе бидат во харт тимот што ќе одлучува дали пациенти имаат потреба од кардиохируршки операции или не. Не е дефинирано колку вакви комисии ќе функционираат, но како што вели министерот за здравство, второ мислење ќе има за сите случаи и во државно и во приватно здравство.
Доколку кардиолог по направени дијагностички процедури одлучи дека на болниот му треба бајпас, целокупната документација ќе ја разгледува харт тимот кој може да даде зелено светло за хируршка интервенција, но и да одлучи дека пациентот ќе продолжи со конзервативен третман.
-Ова е еден од начините како се работи во светот а да имаме второ мислење за секој пациент дали треба да биде опериран или не. Се креира таков тип на харт тимови. Влера имав состанок со советодавното тело, тој стил на креирање на политики функционира во светот и истиот ќе биде имплементиран и кај нас. Ќе креираме нов протокол за тој харт тим да биде дел од тој протокол, вели Азир Алиу, министер за здравство.
Воведувањето на второ мислење за секоја кардиохируршка интервенција доаѓа по обелоденувањето на првичниот извештај на интерната комисија дека кај повеќе од половина од анализираните случаи утврдиле дека неправилно биле третирани и неправилно оперирани. Според здравствените власти, харт тимовите треба да ја сменат оваа пракса а најавите на министерството се дека ќе почнат со работа на почетокот на декември.
-Една недела ни треба за административните работи. До наредната недела ќе ги знаеме новите протоколи и за две недели тие тимови ќе почнат да функционираат, вели Алиу.
Додека почнат харт тимовите, интерната комисија ќе продолжи со физичко присуство во здравствени установи каде прават кардиохируршки интервенции и на лице место ќе разгледуваат случаи. Во меѓувреме, Алиу најави дека во тек биле и административни приоцедури за потпишување на договори со тројцата странски доктори кои ќе бидат вклучени во креирање на финалниот извештај – колку и каде без потреба биле оперирани пациенти.
Овие активности во кардиохируршката дејност следуваат по изјавата на др Сашко кедев пред неколку месеци дека во приватни болници без потреба правеле операции на срце.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
