Забавува растот на цените - инфлацијата 17.1 отсто
Благ пад на инфлацијата во јануари, но цените и натаму остануваат високи. Статистиката пресмета дека животот минатиот месец бил поскап за 17,1%, бројка којa е незначително пониска од декемвриските 18,7 отсто. Најголемо поскапување, над 25% има кај храната - лебот и житата за една година се продаваат по повисоки цени за скоро 40 %, млекото, сирењето и јајцата над 36, месото скоро 30 отсто. Висок скок на цените е регистриран и кај енергенсите –цврстите горива се продаваат за 40% поскапо, гасот и течните над 20%, електричната и топлинската енергија за 14 %. Очекувањата се дека цените ќе почнат да се намалуваат, а инфлацијата да опаѓа. Позитивни прогнози стигнаа и од ММФ и од Европската Комисија. Првиот човек на ММФ изјави дека конечно растот на економиите зајакнува, а инфлацијата после долг период почна да се намалува.
– Позитивно е што инфлацијата е намалена од 8,8 отсто во 2022 година на 6,6 отсто годинава и очекуваните 4,3 отсто во следната година, иако за повеќето земји таа сепак ќе биде над нивото пред пандемијата. Пазарите имаат причина за зголемен оптимизам затоа што конечно гледаат дека американската економија веројатно ќе избегне рецесија, дека Кина се отвора и дека кинеските потрошувачи брзаат да ги потрошат парите што ги заштедиле за време на пандемијата и карантинот, рече шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева.
Подобрување на економијата предвидува и Европската Комисија. Во најновите прогнози се наведува дека Европа за влакно ќе избегне рецесија, а врвот на инфлацијата веќе е зад нив. По рекордот измерен во октомври од 10,6%, сега прогнозите се дека инфалцијата ќе достигне 5,6 отсто. Цените на енергенсите ќе продолжат да се намалуваат, а каматите да растат.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
