Заразените крлежи сериозна опасност од смртоносни зарази
Убод од крлеж е причинител на конго кримската хемораична треска, вирусно заболување со висок морталитет од над 40 %. Болеста настапува по само 3 дена од убодот и се манифестира со силна главоболка, висока температура, болки во мускулите и повраќање, за да подоцна се појават модринки по телото и крварење од нос.
- Доколку лицето знае дека има убод од крлеж и ги презентира овие симптоми треба веднаш да побара лекарска помош. Самата превенција би се состоела во избегнување на места каде што постои активност на крлежите, но доколку веќе се престојува на такви места, тогаш мора да се носи облека која што ги покрива нозете и рацете во целост, како и главата, облеката да биде во светла боја за да се примети присуството на крлежите. Потребно е да се врши преглед на телото да се види доколу постои убод од крлеж, истиот да биде отстранет од стручно медицинско лице. Добро е да се користи и репеленти или инсектициди кои го одбиваат прикачувањето на крлежот на телото на човекот, изјави Светлана Живкова, епидемолог од ЦЈЗ Штип.
Конго кримската хемораична треска е заразна болест на која најповеќе се изложени лицата кои работат со добиток, но се пренесува и од човек на човек.
Пренесувањето од човек на човек настанува со близок контакт со инфицирана крв или телесни течности од заболеното лице, што значи дека најмногу би биле изложени членовите на семејството кои се грижат за болното лице, како и здравствените работници ако истите не користат соодветна лична заштитна опрема.
Дваесет и седум годишна жена од плачковичкото село Кучица почина пред една недела од оваа болест, откако била касната од крлеж кој бил изваден во домашни услови.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар