Заштеда до 2.000 денари по ученик од мерката „Училишна кошничка“
Заштеда до 2 илјади денари по ученик како резултат на „училишната кошничка“. Заменик министерот за економија најави дека конечните пресметки ќе бидат доставени до Владата во петок, а мерката која заврши пред два дена ја оцени како „одлична можност“ за учениците, родителите, но и студентите.
„Мислам дека имаа одлична можност на сите пунктови каде што се набавуваат училишни материјали да ги купат по поевтини цени, она што беше предвидено со одлуката и мерката. Да пофалам, некои книжарници имаа и акција на поголеми намалувања од она што беше предвидено со самата мерка. Од она што го имаме како првични сознанија, а конечен податок ќе имаме во петок со известување до Влада, по ученик е заштедено од 750 до 2.000 денари и просечно семејство кое има два ученици или студенти би заштедиле во овој период 3.000 денари, токму со училишната кошничка“ – Марјан Ристески, заменик министер за економија
Според Ристески, мерката генерално била почитувана од страна на трговците. Пазарните инспектори утврдиле мали пропусти.
„Во текот на мерката беа извршени околу 150 контроли од страна на пазарната инспекција на преку 400 објекти каде што се продава училишниот прибор, вклучувајќи ги тука книжарите, маркетите и другите пунктови каде што се продава. Имаше мали опомени, но до крај се испочитува мерката“ – Марјан Ристески, заменик министер за економија
Трговците на големо го поевтинија училишниот прибор за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 отсто. Мерката беше во сила од 15 август до 15 септември. Иста акција се спроведе и лани.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар