Зеленски: По нападите врз центрите за податоци на „Јандекс“, има помалку ботови и омраза на социјалните мрежи

Украинските напади со беспилотни летала врз податочните центри на руската технолошка компанија „Јандекс“ доведоа до драстично намалување на присуството на малициозни ботови, дезинформации и провокации на социјалните мрежи, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видеообраќање до учесниците на Варшавскиот безбедносен форум.
– Кога почнавме да одговараме на руската операција против нашите центри за податоци и кога нашите напади ги погодија центрите за податоци на „Јандекс“, одеднаш стана полесно да се дише на многу платформи на социјалните мрежи. Многумина забележаа дека има помалку омраза, раздор и провокации, бидејќи имаше помалку ботови – истакна Зеленски.
Тој додаде дека е „сосема јасно од каде потекнуваат овие ботови“.
– А ако тие исчезнаа кога „Јандекс“ престана да работи, тоа уште еднаш докажува дека Европа не е изворот на проблемите и дека не создава дополнителни тешкотии – нагласи украинскиот претседател.
Во овој контекст, Зеленски ја истакна важноста луѓето во САД да видат „што навистина се случува“.
– Сакаме мир и подготвени сме да соработуваме со САД и со сите други за да се стави крај на оваа војна, како и на војната на Блискиот Исток, која предизвикува многу глобални проблеми, вклучително и раст на цените – рече шефот на украинската држава. Тој нагласи дека за да се постигне тоа, сите заинтересирани страни мора да дејствуваат заеднички.
– Америка несомнено е најсилната земја во светот и важно е да ја искористи својата сила за светот да стане подобро место – заклучи Зеленски.
Зеленски, исто така рече дека Русија одговорила на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за енергетско примирје меѓу Москва и Киев со нови напади врз украинската електроенергетска мрежа. Сепак, Украина е подготвена за таков прекин на огнот и испраќа соодветни сигнали, посочи украинскиот претседател.
На истиот форум во Варшава, литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус побара од сојузниците да го поддржат Киев во дополнителни напади врз руската дигитална инфраструктура заради заштита на изборните процеси во Европа, откако последните напади во Владимирската, Калушката и Рјазањската Област го прекинаа автоматизираниот интернет-сообраќај на „Јандекс“ за дури 94 проценти.
– Сметам дека треба да побараме од господинот Зеленски да погоди повеќе центри за податоци во Русија, а тоа можеби би помогнало – рече тој, одговарајќи на прашањето што треба да направат Литванија, Полска и другите сојузници за да ги заштитат изборите во своите земји од мешање.
Тој додаде дека сојузниците треба и значително да ги зголемат инвестициите во борбата против дезинформациите.
Центрите за податоци се големи објекти исполнети со сервери, уреди за складирање податоци и мрежна опрема, кои овозможуваат функционирање на веб-страници, апликации и онлајн услуги. Кога некој таков центар ќе престане да работи, услугите што зависат од него може да забават или целосно да бидат прекинати.
Изјавата на литванскиот премиер доаѓа во период кога центрите за податоци на руската технолошка компанија „Јандекс“ во изминатите недели беа повеќепати цел на напади со беспилотни летала, по серијата руски напади врз слични објекти во Украина. Последниот напад, за кој компанијата извести рано во неделата, беше трет врз објект на „Јандекс“ во рок од неколку дена.
„Јандекс“, кој често се нарекува „руски Гугл“, управува со најпопуларниот пребарувач во Русија, како и со апликации за нарачување храна и такси-превоз, што ги користат десетици милиони луѓе.
Податоците на „Клаудфлер Радар“ покажале дека автоматизираниот интернет-сообраќај поврзан со „Јандекс“ во неделата се намалил за 94 проценти во споредба со просекот во втората половина на септември.
Сепак, во тој сообраќај биле вклучени и легитимни автоматизирани активности, како што се веб-роботите што ги користат пребарувачите за индексирање на интернет-содржини.
МИА
Ново на Сител
-

Суспензија за 6 полицајци за инцидентот во Сарај
-

Граѓаните главно задоволни од квалитетот на живот
-

Дрва, пелети, струја или парно - кое греење зимава ќе биде најевтино?
-

Променливото време аларм за хронично болните
-

Сејф сити од утре во Охрид, Струга, Дебар и Кичево
-

Сточарите со загуби, 450 илјади вакцини на пат
-

Голем интерес за викенд куќи под Беласица, Ново Село од 13 парцели инкасираше 5,7 милиони денари
-

Наскоро се очекува да профункционира домот за стари лица во Охрид
