Македонија
5. March 2026 - 19:43

Земјоделците: Државата ни должи над 100 милиони евра субвенции

Државата по разни основи до овој момент ни должи над 100 милиони евра субвенции и бараме нивна итна исплата. Со овие обвинувања денеска излегоа земјделците кои од различни гранки се собраа во Прилеп.

„До 31.12.2024 година Министерството должи 2.4 милијарди денари, или 39 милиони евра. Сега сме на прагот да се дадат субвенции за тутунот 33 милиони евра. 100 хектари по 200 евра се 20 милиони, плус каде е тука градинарството, сточарството, овчарство, пчеларство, додатните мерки за однесени производи во преработувачките капацитети? Значи над 100 милиони евра. Без субвенции не може, а субвенциите зборуваат дека не биле рентабилни“, истакна Миле Кебакоски, здружение Фармери југо-запад.

Земјоделците исто така бараат Програмата за субвенции во 2026 да важи таа од 2025 година, а дури в година да се менува во договор со земјоделците.

„Не се согласуваме и во друг дел, во делот за условено субвенционирање, бидејќи таму има критериуми кои многу од земјоделците, особено помалите нема да можат да ги задоволат. Министерот излезе со некоја изјава дека ќе има некаков транзиционен период од 2 до 3 години, но за жал досега немаме одлука на влада“, вели Ѓорѓи Каракашев, Национална земјоделска мрежа.

Најголеми проблеми во моментов имаат сточарите на кои се доцнат исплати по разни основи. Велат дека без субвенции нашето земјоделството не би опстанало бидејќи има увоз на поевтини земјоделски производи кои се субвенционирани во нивните држави таму, а влегуваат на нашиот пазар.

„За рок од еден месец да ни ги исплатат грлата целокупно во државата, потоа бараме за 3-4 дена да ни исплатат 7 месеци од субвенциите и дадените 3 се собираат 10 месеци, а двата месеци ќе си влезат во наредната година. Значи сега не бараме исплата од 3 месеци, туку од 7 месеци, плус за месец дена да ни се исплати комплетно за грло, тоа е првиот проблем. Вториот проблем, да ни ја вратат старата програма на 12 илјади денари експресно сега, со некои измени каде телињата ќе влезат во приплод платени по 12.000 денари од грло“, кажа Борче Бучински, здружение „Пелагониско поле“.

Сите заклучоци од денешната средба во писмена форма ќе бидат доставени до Министерството за земјоделство.