Земјоделците го блокираа патот Св. Николе-Велес
Со земјоделска механизација и жив штит, земјоделците од Овче Поле го блокираа магистралниот пат Свети Николе – Велес во знак на револт поради немањето вода за наводнување. Иако пред една недела ресорниот министер им вети дека вода од хидросистемот „Брегалница“ ќе им биде доставена во доволни количини, посевите им се сушат, а тие трпат огромни штети.
- Зошто во годината кога браната „Калиманци“ прелива, ние немаме доволно вода за наводнување. Ние овде немаме бавчи и немаме 5 реда пиперки за да наводнуваме со црево. Значи на нас ни треба вода со 4 до 5 бари притисок во каналската мрежа за да ние можеме да наводнуваме- изјави Митре Николов, земјоделец.
- Нашите детелини се изгорени, како стрниште, значи штети имаме големи сите- Драги Павлов, земјоделец.
Гневни се зашто од една страна немаат вода за наводнување, а од друга, се носи одлука за поскапување на водниот надоместок за над 70%.
- Владата донела одлука, нивните плати да се покачат за 78 %, а нашата вода ја покачи за 78 %, за нивните плати ние да им ги плаќаме од џеб- изјави Златко Здравковски, земјоделец.
Штетите од сувите канали допрва ќе се сумираат, но сигурни се дека годинашната сезона нема да им донесе никаков профит.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар