Зошто Македонија ги менува стрелките на часовникот? - Почнува зимското сметање на времето
Македонија мора да го следи европскиот часовник за да не трпи економски загуби. Ако ЕУ реши да ги врати стрелките назад, ќе ги вратиме и ние, вели министерот за економија.
„Пред една година имаме направно една работна група кои направија некои предлози, но излегува дека треба да се прилагодиме на одлуките на ЕК. Нашата економска соработка, повеќе од 75% е со ЕУ. Каква одлука ќе се донесе таму, тоа ќе се преслика и во нашата држава“ – Крешник Бектеши, министер за економија
На иста линија е и првиот човек на ССК. Според него, Македонија е мал пазар и треба да се прилагоди со земјите членки на Унијата.
„Најголем дел од стопанството соработува со остатокот од европскиот континент, така што сметам дека за нас најкоматибилно и најадекватно решение е да го следиме примерот на ЕУ. Ние сме премали за да одиме по некој наш пат. Тоа ќе создаде доста конфузија, проблеми во доста логистички операции со оглед дека имаме различни временски зони со остатокот од европскиот континент“ – Трајан Ангелоски, претседател на ССК
Поголеми проблеми нема ниту вечерта кога се менуваат стрелките на часовникот, тврди Ангелоски.
„Генерално е јасно, тоа е краток временски период. Замислете, сега е прашањето дали во тие неколку часа има некој проблем, а ако отидеме во посебна временска зона секојдневно би ги преживувале тие различности“ – Трајан Ангелоски, претседател на ССК
Енергетските експерти, пак, немаат прецизни анализи дали и колку струја се штеди со зимското сметање на времето.
Министерството за економија лани пресмета дека ако се задржи летното сметање на времето, потрошувачката на топлинска енергија ќе се зголеми и до 3 и пол проценти.
Пред 2 години праксата на менување на стрелките на часовникот „напред-назад“ требаше да биде укината. На онлајн анкета, 83% од граѓаните на ЕУ гласаа дека стрелките на часовникот не треба да се менуваат, оти тоа им предизвикува проблеми со здравјето. Европскиот парламент ја изгласа одлуката, а топката сега е кај членките на ЕУ кои мора да се усогласат и да кажат дали и во иднина ќе има зимско и летно сметање на времето. Досега владите немаат заеднички став.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
