Македонија
7. November 2023 - 19:39

15 повредени во сообраќајка на патот Струмица - Валандово

15 лица се полесно повредени откако комбе-автобус полно со патници се преврте на регионалниот пат Струмица - Валандово. Несреќата се случила утрово околу 6 часот и 20 минути откако возилото со кое се превезувале 25 лица, изгубило контрола и се превртело. 15 лица биле пренесени во струмичката болница каде им е укажана неопходната лекарска помош. Тројца од нив кои имаат лесни повреди и се надвор од животна опасност се задржани на опсервација, додека останатите се пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и екипи на СВР Струмица, но причините поради кое дошло до превртување на возилото засега не се познати.

„Околу 06.20 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на регионален пат Струмица - Валандово, Ф.А.42 годишен од Струмица, управувајќи автобус со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и се превртел на коловозот. Во несреќата со повреди се здобиле повеќе лица кои биле пренесени во Медицински центар Струмица за укажување лекарска помош, а увид на местото извршиле Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и увидна екипа на Полициската станица Струмица“, вели Александра Трајанова портпарол на СВР Струмица.

Поради несреќата регионалниот патен правец Струмица - Валандово утрово околу три часа беше затворен за сообраќај.