Македонија
9. February 2026 - 12:13

209 милиони денари за изградба на дом за стари лица во Кочани

Административните процедури за изградба на Домот за стари лица во Кочани влегуваат во завршна фаза. Со спроведување на негативна аукција, Општина Кочани успеа значително да ја намали вредноста на проектот, при што се оствари заштеда од близу 1 милион евра. 

- На 4-ти февруари ја распишавме негативната аукција за Домот за стари лица. Тројцата апликанти кои учествуваа остварија солиден пад на цената, во висина од 57милиони денари, во корист на Кочани. Од понудените 266 милиони, аукцијата заврши на 209 милиони денари, за изведба на Домот за стари лица, изјави Владко Грозданов, градоначалник на Кочани.

Планирано е новиот Дом за стари лица да се изгради во просторот на поранешната касарна во Кочани, на површина од околу 4.000 квадратни метри. Објектот ќе располага со капацитет од приближно 150 легла, ќе биде организиран на три нивоа и ќе вклучува содржини за медицинска грижа, рекреација и социјален живот на корисниците, со користење на геотермалните води како дополнителна предност. 

- Сега следува период од десет дена за жалби и веднаш по завршување на постапката ќе следува и склучување на договорот за изградба помеѓу општината и изведувачот. На Кочани, му треба брза реализација, ме треба квалитетен Дом за стари лица, со квалитетна изведба, додаде Грозданов

Финансиските средства се обезбедени преку унгарскиот кредит, а домот ќе биде во државна сопственост, со што се очекува услугите да бидат подостапни за граѓаните, во споредба со приватните установи.