Македонија
4. May 2023 - 12:24

40 студенти од Швајцарија ќе им помагаат на компаниите од истокот

Четириесет студенти од Универзитет во Луцерн, Швајцарија, заедно со експерти ќе им помогнат на стартап компании, мали и средни претпријатија од источниот регион, да го развијат својот бизнис. Конкретно, се работи за девет компании што ќе добијат бесплатна менторска поддршка од експерти организирани во неколку групи.

  • Ќе им помогнат практично да изградат солидни бизнис-планови, да ги подобрат своите технолошки процеси, да овозможат подобрување на нивните капацитети за претставување на странски пазари и да ги подобрат своите производи. Мислам дека тоа е голем бенефит, не само за самите компании, туку и за стартап заедницата од целиот регион, изјави Сашо Коцевски, декан на Факултетот по информатика-УГД-Штип.

Првичното планирање започнало во ноември минатата година, а во јануари се поставени целите за соработката. Студентите и компаниите интензивно работат од средината на март.

  • Драго ми е што имаме можност и лично да се видиме и запознаеме со компаниите, имајќи предвид дека студентите се веќе прилично навлезени во нивната работа и до крајот на неделата, очекуваме веќе да ги презентираме резултатите и да ги испланираме идните чекори, изјави проф. Рене Зеир, Универзитет за применети науки и уметности-Луцерн.

За компаниите проектот е извор на нови знаења, со цел подобрување на постоечката работа. 

  • Тимот со кој соработуваме е тим студенти на магистарски студии по бизнис логистика, така што тие ќе ни помогнат во делот на доразвивање на нашата бизнис идеа, а во делот на маркетингот, како можеме подобро да се рекламираме, да ги придобиеме нашите клиенти и како да функционираме на долг рок за да бидеме самоодршливи –изјави Анамарија Павлова, камп градинка во природа-Штип.

Ова е и можност да се мотивираат младите луѓе да отворат сопствен бизнис, да го искористат својот потенцијал за генерирање производ или услуга, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар.