Одложено судењето за „Адитив“, доцнеше полицискиот спровод на обвинетите
Судењето за злоупотреби со набавката на адитив за термоелектраните Битола и Осломеј, повторно е на пауза. Во претходните два месеца се одржа по едно рочиште, а денешното се одложи за крајот на август. Додека најголем дел од триесетмината обвинети во 10 часот утрото го чекаа стартот, до судот пристигнало известување дека за најмалку еден час ќе доцни полицискиот спровод од домашен притвор за двајца обвинети.
Информацијата ги налути адвокатите и обвинителството, па во договор со судот заклучија дека е подобро судењето да се одложи. На записникот за денешното рочиште, се напишаа само имињата на обвинетите, нивните адвокати и јавните обвинители. Напишано е името и на судијката во чии раце од денеска е предметот Адитив.
„По две одржани рочишта, судењето денеска продолжи со нова судијка. Отакако Даниела Димовска беше избрана за в.д претседателка на Основниот кривичен суд, сега случајот Адитив ќе го води судијката Лидија Петровска“
Прв на листата од 31 обвинет, се наоѓа поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство, потоа неговиот наследник Васко Стефанов, Маја Јорданова, Ардијан Муча, Данчо Стојановски кои во судница влегоа со лициси на рацете. Од затвор беше донесен и Небојша Стојановиќ, кој за текот на истрагата на обвинителството, информации добивал од актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата која е осомничена за оддавање службени тајни.
Со обвинението, опфатени се и пет фирми. Сите заедно се гонат дека го оштетиле државниот буџет за 6,5 милиони евра. Иако никој не призна вина, обвинителството тврди оти поседува докази дека местеле тендери за набавка на адитив за јаглен, кој бил плаќан неколкупати посакапо од пазарната вредност. Разликата според обвинителството, завршувала во џебовите на лицата кои седат во судницата.
Следното рочиште за Адитив ќе се одржи по пет недели, на 21 август.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар