Македонија
10. November 2017 - 16:22

48-годишниот токсиколог бил избоден со нож на влезот од Клиничкиот центар во Скопје

Лекарот од Токсикологија кој синоќа беше нападнат со нож пред влесот на Клинички е во добра здравствена состојба. Хоспитализиран е на Клиниката за дигестивна хирургија и ќе биде задржан на лекување неколку дена. Имал 2 убодни рани во стомакот и долниот дел од грбот. Директорот на токсикологија бил првиот кој добил повик од повредениот лекар. 

-Настанот се случи пред почетокот на дежурството, а колегата бил на пат за доаѓање на дежурство. Бев известен во 19:25 часот за немилиот настан, а дежурството на колегата требаше да започне во 20 часот“, изјави д-р Нико Беќаровски, директор на Клиниката за Токсикологија.

Инцидентот денеска официјално го потврдија од МВР. Во кусата информација во билтенот посочуваат дека за инцидентот добиле пријава од Ургентниот Центар каде бил примен повредениот 48-годишниот лекар. 

Засега напаѓачот е непознат на полицијата, а од таму информираат дека се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и целосно расчистување на случајот. 

Во меѓувреме во јавноста почнаа да се шпекулираат различни верзии за мотивите за нападот.

Дел од информациуите говорат дека напаѓачот и повредениот имале лични недоразбирања. Други пак говорат дека зад нападот се кријат политички мотиви. Повредениот лекар бил активен функционер во партија од албанскиот етнички блок која коалицира во актуелната влада. 

Нападот врз лекарот од Токсикологија го осуди Лекарската комора.

-Сметаме дека никакво насилство не треба да се толерира особено не врз доктори. Затоа и бевме со идеја и имаме соработка со Министерството за здравство и останатите комори да го спречиме насилството, изјави проф.д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора на Македонија. 

По овој инцидент и честите закани кон вработените на Токсикологија, раководството на Клиниката размислува да ангажираат сопствено обезбедување, но поради долговите немаат пари за тоа.