АХВ го демантира градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов
Агенцијата за храна и ветеринарство остро реагираше на, како што вели, „лажните и манипулативни тврдења“ на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, изнесени во негов статус на Фејсбук. Според АХВ, Костадинов дрско и безобразно ја манипулира јавноста и свесно ја довел во заблуда околу безбедноста на водата за пиење во повеќе струмички села и селективно го прикажал значењето на една судска одлука.
Судската одлука на која се повикува градоначалникот не се однесува на кризата со вода во градот од септември и октомври минатата година, туку на водоснабдувањето во пет села: Рич, Попчево, Белотино, Костурино и Вељуса. Таму, како што нагласуваат од АХВ, Костадинов не ја исполнил својата обврска да обезбеди безбедна и дезинфицирана вода.
По вонредниот инспекциски надзор на 9 февруари лани, било утврдено дека во водата недостасува резидуален хлор, поради што АХВ донела решение за забрана на користење на водата за пиење во овие села, со задолжителни мерки како предупредувачки натписи и хлорирање. Општина Струмица не постапила според решението, по што АХВ на 26 февруари поднела прекршочна пријава до Основниот суд.
,,На операторот Општина Струмица со решението наредено и е да ја забрани водата за пиење во водоснабдителните објекти, водоводна мрежа во овие села, да се стави натпис со предупредување на жителите дека водата не е за пиење поради отсуство на резидуален хлор и да се изврши здолжително хлорирање на водата. По нареденото со ова решение Костадинов и Општина Струмица немаат постапено, по што АХВ како одговорна институција, на 26.02.2024 година, до Основниот суд во Струмица, поднела барање за поведување на прекршочна постапка.“ - информираа од АХВ додавајќи дека тие нема да ја коментираат судската одлука, а на Градоначалникот на Општина Струмица му порачаа да биде одговорен пред сопствените граѓани и гласачи
Реакцијата следува по вчерашната објава на Костадинов, во која тој обвинува дека АХВ лажела цела година и дека ВМРО-ДПМНЕ била подготвена да остави цел град без вода за политички цели.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар