Андоновски: Реална дигитализација - граѓаните ќе ги добијат услугите брзо, едноставно и електронски

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, беше гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа, каде говореше за конкретните чекори за целосно електронски услуги, за состојбата во институциите и за имплементацијата на новиот закон за сајбер-безбедност.
Електронските изводи – од „аплицирање“ до целосно електронско добивање на крајниот документ.
Како што соопшти Министерството за дигитална трансформација, во интервјуто, Андоновски појасни дека досегашното искуство кај дел од услугите од УВМК најверојатно произлегува од тоа што граѓаните биле пренасочувани од националниот портал кон веб-порталот на самата институција, бидејќи Управата за водење на матични книги (УВМК) досега самостојно ги објавувала услугите електронски.
-Претпоставувам дека станува збор за редиректирање од националниот портал за uslugi.gov.mk до конкретниот портал на установата Управа за водење на матични книги затоа што таа сама ги публикуваше до сега услугите електронски, рече Андоновски.
Тој соопшти дека Министерството е во процес на промени и дека четирите клучни услуги на УВМК ќе се интегрираат на националниот портал: „Во тек сме на промени за четирите услуги коишто ги нуди Управата за водење матични книги, изводот од матична книга на родени, венчани, умрени и слободна брачна состоба“.
Андоновски информираше дека процесот е во завршна фаза: „Веќе сме во фаза на тестирање на услугите, сите тие за многу скоро време ќе бидат пренесени на националниот портал за услуги“.
Министерот додаде дека за секоја од овие услуги граѓаните ќе добиваат и електронска потврда и ќе имаат повеќе опции за преземање: „За секоја од нив потврдата ќе биде добивана и електронски, а ќе имате можност да изберете да ја добиете на шалтер или да ви биде доставена по пошта“.
Андоновски изјави дека државата нема да оди со „присилна дигитализација“ за целото население, но дека примерот на целосно електронско аплицирање за ваучерите за електронски уреди за студенти се покажал како исклучително успешен.
Тој посочи: „Не сакаме тоа да го направиме за сите граѓани одеднаш затоа што и државата не е доволно подготвена да сите услуги да ги нуди електронски, кога државата ќе ја исполни својата обврса да сите услуги ги нуди во електронски формат, тогаш тоа може да го бараме и од грѓаните.“ Министерот заклучи дека мора да се внимава и на дигиталниот јаз меѓу граѓаните.
Говорејќи за имплементацијата на Законот за сајбер безбедност, Андоновски објасни дека законот поставува стандарди и протоколи, како и механизми за пријавување инциденти.
Тој нагласи дека законот многу добро ги дели надлежностите на двата цирта: „владиниот ЦИРТ е надлежен за органите на државната управа“, додека националниот ЦИРТ опфаќа субјекти надвор од владината управа.
Андоновски додаде дека „двата цирта ќе имаат една платформа за меѓусебна соработка“. За непријавување инциденти, министерот соопшти: „предвидени се прекршочни одредби кој започнуваат од одговорното лице во субјектот па одат нагоре, целта е да се надмине стравот од минатото што кога имало инциденти во сајбер просторот не биле пријавувани па ја чинеле државата многу повеќе“.
Министерот потенцираше дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на реална дигитализација, мерлива на терен, услуги што навистина се завршуваат електронски, со јасни стандарди и со засилена заштита на институциите и граѓаните во дигиталниот простор.
МИА
Ново на Сител
-

Се е подготвено за Водици во Охрид
-

Втор смртен случај поради компликации од грип на Инфективна
-

Мицкоски: Во политиката нема празен простор
-

Камионџиите ќе ги блокираат границите – како тоа ќе влијае на секојдневието на граѓаните?
-

Охридските хотелиери и угостители нудат примамливи понуди за Богојавление
-

Над 140 лица заинтересирани за скокање по светиот крст – манифестацијата утре почнува во 9 часот
-

Нова метода за лекување на мозочен удар во Прилеп, најважно е да се делува во првите 4 часа од ударот
-

За повисоките плати, универзитетските професори ќе мора да испорачаат подобри резултати
