Анел Фидоски е избран за шеф на скопското јавно обвинителство
Анел Фидоски е избран за нов шеф на скопското јавно обвинителство. На чело на ОЈО Скопје застанува со поддршка од седум гласови За, од вкупно 11 членови на Советот на јавни обвинители. Двајца гласаа воздржано, а против беа членовите Ермон Незири и Светлана Стојковиќ.
„Анел Фидоски ја доби поддршката од советот и ние ќе го поддржиме до крај. Избраниот, во интервју покажа добри резултати и заради тоа некои од членовите ценеа дека треба да му се даде шанса“, изјави Башким Бесими, Претседател на Совет на јавни обвинители.
За изборот на Фидоски, гласаше и в.д републичката обвинителка Анита Тополова Исајловска, но по завршување на седницата, таа одби да ја објасни својата одлука пред медиумите.
„Новинар: Обвинителке, не слушнавме на седницата кој е вашиот став ниту за ниту против, може изјава? ....Заминува без воопшто да се заврти кон медиумските екипи.
Во трка за прв човек на скопското обвинителство беа петмина кандидати. Според дебатата во Советот, насјериозен противкандидат на Фидоски, беше неговиот досегашен шеф, Гаврил Бубевски, кој не доби поддршка за втор мандат.
Освои пет гласови За. Иако бил единствен кој доставил програма за работа, за дел од членовите на советот, тој лошо менаџирал со скопското обвинителство. Не постапувал по кривични пријави од МВР, а обвинителството имало и заостанати предмети со мала ефикасност.
За Фидоски пак, членовите на советот, имаа пофални зборови. Бил обивнител со кредибилитет, имал визија за ефикасност, а можел да воспостави и подинамична работа во обвинителството.
Фидоски и досега беше дел од скопскотот јавното обвинителство. Во својот речиси 12 години работен стаж бил обвинител во случајот „Тенковски делови“ каде обвинет беше екс премиерот Владо Бучовски, ги гонеше убијците на Никола Саздовски, а го водеше и предметот за малата Тамара од Велес.
Негов предмет е и случајот „Усје“по поднесена кривични пријава од поранешната градоначалничка на Скопје.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
