Македонија
16. July 2025 - 12:17

Арпата од ланската реколта ќе се откупува за стокови резерви

Арпата од минатогодишната реколта, државата ќе ја откупува за стокови резерви. Откупот ќе започне што Владата ќе донесе одлука по која цена и колкави количини им се потребни. Според првичните информации на Здружението на млади земјоделци „Арпа“, кои ги добиле од Министерството за земјоделие, предвиден е откуп на 2400 тони, по цена од 37 денари за килограм арпа. 

- Ова е прв пат во овие 20 години да се ангажира државата и да откупи ориз за стоковните резерви. Претходно имаше откуп на пченица, но на ориз немало, изјави Стојче Ташовски од Здружението „Арпа“.

Според проценките на оризопроизводителите, околу 5000 тони арпа стои во амбарите и е неоткупена, пред се, поради ниските откупни цени и нестабилниот пазар. За неполни 3 месеци ќе се започне со жетва и на овогодинешната реколта.

- Ќе се намали барем за 50% оризот што го складираме во нашите магацини. Ќе биде едно големо олеснување за нас, земјоделците, додаде Ташовски.

Годинава под ориз во Кочанско поле се посеани околу 4000 хектари и се очекува богат род, меѓутоа, во некои атари оризопроизводителите се соочуваат со недостиг на вода за наводнување од ХС „Брегалница’.