Македонија
6. October 2026 - 16:30

Артан Груби понуди гаранција од 335.707 евра за да му биде вратен пасошот

Артан Груби нуди гаранција од 335.707 евра за да му го вратат пасошот, мерка која ја доби како дополнителна покрај куќниот притвор за обвинението во предмотот Лотарија. Од куќен притвор по сила на закон тој излегува на 13 откромври но со оваа гаранција тој бара да биде целосно слободен во движењето во и надвор од државата додека трае судската постапка против него.

Барањето е доставено од неговата одбрана по што треба да се произнесе најпрвин обвинителството а потоа судскиот совет во кривичен да донесе одлука.

„Одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка. По понудената гаранција е оформен предмет,кој е доставен до надлежното јавно обвинителство. По добивање на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени.“

Од ДУИ сметаат дека законот во однос на притворскиот рок мора да се почитува и тие го повторија ставот дека Груби е невин се додека не се докаже спротивното. За процесот сметаат дека е политичка хајка, побараа целосна транспарентност но не одговорија дали откако ќе излезе од куќен притвор, ќе се врати со активности во партијата.

Откако беше отворена истрага за проневера и злоупотреба во државна лотарија, Артан Груби избега од државата и по него беше распишана потерница. По 14 месеци бегство тој сам се врати по што на граничниот премин Блаце беше пречекан од полицијата и однесен во притвор во Шутка. По неколку дена по проценка на службите дека тој не бил безбеден во затворот, му беше одредена мерката куќен притвор.

Обвинителството поднесе обвинение против него, поранешниот директор на Лотарија Перпарим Бајрами и уште 6 лица за злоупотреба на службената положба и овластување, со која е направена штета од околу 8,2 милиони евра преку набавка на видеолотариски апарати. Груби пред судот изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.