„Бегалка“ по 55 години на сцената на Струмичкиот театар
После 55 години, Струмичкиот театар ,,Антон Панов,, повторно ја враќа на сцена култната македонска драма ,,Бегалка,, од Васил Иљоски. Од театарот велат дека новата премиера претставува симболично навраќање кон делото кое оставило длабок белег во историјата на македонскиот театар, но и продолжување на мисијата за негување на македонската драматургија и оживување на значајните дела од домашното културно наследство.
За Режисерот Дамјан Димовски новото поставување на ,,Бегалка,, произлегува од потребата класичниот текст да се прочита низ призма на современиот живот и актуелните општествени односи.
Со современо сценско читање, претставата ги преиспитува традиционалните вредности и нивното влијание врз човековите избори и семејните релации денес. Во новата поставка, домот не е само место на живеење, туку симболичен затвор и сцена на вонвременски меѓугенерациски судир.
,,Бегалка,, има особено значајно место во историјата на струмичкиот театар. Претставата за прв пат била поставена на неговата сцена на 1 мај 1949 година, во режија на Димитар Колчаков, со што практично започнала и работата на театарот. Нејзиното второ поставување следело на 18 јануари 1970 година, во режија на Александар Думов.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
