Бегство од смртта – преживеаните од терористичкиот напад на Хамас врз фестивалот „Нова“ ги раскажуваат своите приказни

Некои од нив уште од детството ги носат сеќавањата на прогонствата и страдањата за време на Холокаустот. Други, родени многу децении подоцна, го паметат утрото кога музиката на еден фестивал била заменета со експлозии, истрели и сцени на убиени луѓе. Две генерации, две различни трагедии, но една заедничка цел, нивните сведоштва да не бидат заборавени.
Во Меморијалниот центар на Холокаустот во Мајами, САД, имавме можност да разговараме со луѓе чии животи засекогаш се промениле поради насилство. На едно место се сретнаа преживеани од нацистичкиот прогон за време на Втората светска војна и двајца млади Израелци кои успеале да се спасат од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Меѓу нив беше и Маја Изучев, која пред три години заминала на музичкиот фестивал „Нова“, недалеку од границата со Појасот Газа, не претпоставувајќи дека ќе стане сведок на едно од најсмртоносните насилства врз цивили во поновата историја на Израел.
Маја била дел од организацијата на фестивалот. Ги пречекувала посетителите, ги проверувала нивните билети и документи. Млади луѓе од различни земји дошле да уживаат во музиката, а утрото на 7 октомври, додека забавата сè уште траела, над нив почнале да се појавуваат ракети.
Во првите моменти никој не знаел што точно се случува. Но, кога музиката запрела, а опасноста станала очигледна, илјадници посетители тргнале да бегаат.
Со пријателка побарала спас во скривница, која собирала шест луѓе, а внатре веќе имало триесет. Просторот бил толку тесен што едвај можеле да се движат. Наместо да останат таму, двете одлучиле повторно да излезат на отворено и да се обидат да побегнат. Тогаш не знаеле дека токму таа одлука ќе им ги спаси животите. Набргу по нивното заминување, вооружени напаѓачи стигнале до засолништето. Дел од луѓето кои останале внатре биле убиени, други биле киднапирани, а неколкумина преживеале криејќи се меѓу телата на загинатите.
„Фестивалот се одржуваше среде пустелија, далеку од сè. Просторот на фестивалот беше опкружен со паркинзи од сите страни. Замислете, полицајците и обезбедувањето почнаа да ги отвораат сите огради, луѓето трчаа на сите страни, некои со автомобили, други пеш. Во следните дваесетина минути настана огромен хаос. Луѓето се обидуваа да стигнат до своите автомобили, до барот, до своите пријатели. Во тој момент сè уште имаше само ракетни напади.
Некои луѓе беа целосно вкочанети од страв и лежеа на земја, додека други пуштаа транс-музика од своите автомобили, танцуваа и велеа: „Никогаш нема да нè спречат да танцуваме“. Ситуацијата беше екстремна. Или бевте целосно парализирани од страв или се однесувавте како ништо да не се случува. Моравте да одлучите како ќе реагирате. Мојот пријател Саги доби силен напад на паника околу 6:30 часот наутро, токму кога фестивалот беше на својот врв. Сонцето изгреваше, беше прекрасен момент. Повеќето наши пријатели беа надвор, се забавуваа и го гледаа изгрејсонцето. Во следните дваесетина минути, нашите пријатели почнаа да трчаат кон нас од паркингот, од барот, од сите страни. Бевме група од десет пријатели на фестивалот. Саги имаше силни напади на паника, се тресеше и постојано прашуваше: „Што да правиме? Што да правиме?“ Тогаш одлучив дека ќе заминам со него.
Почнавме да возиме кон излезот од фестивалот. Беше седум часот наутро кога излеговме на патот. Погледнав налево и видов дека почнува да се создава колона возила. Помисливме дека полицијата веројатно ги проверува возачите за да утврди дали некој возел под дејство на алкохол. Потоа погледнав надесно и видов дека патот е празен. Решив да тргнеме во таа насока. Беше 7:05 часот. Возевме уште десетина до петнаесет минути, кога одеднаш Саги почна да вика: „Маја, запри го автомобилот!“ Се исплашив од неговиот крик и веднаш застанав. Во следните неколку моменти сфатив што тој веќе беше забележал. Ја отвори вратата и истрча. Веднаш покрај патот имаше засолниште и тој влезе внатре. Ракетните напади сè уште траеја. Додека Саги влегуваше во засолништето, погледнав напред и видов дека двата автомобила што возеа пред мене прават полукружно свртување среде патот. Прво помислив дека можеби се случила сообраќајна несреќа, бидејќи таквото свртување беше многу опасно. Но, потоа ги видов луѓето и почнав да ги поврзувам работите. Цело време се слушаа истрели, а тогаш сфатив дека станува збор за пукање од автоматско оружје. Во Израел понекогаш имаме ракетни напади, а понекогаш се соочуваме и со терористи. Повеќето Израелци имаат отслужено воен рок и затоа знаеме дека кога ќе слушнеме автоматско оружје, тоа значи дека има терористи. Израелската војска не пука така. Така сфативме дека станува збор за терористички напад.
Се скрив под воланот и останав целосно вкочанета од страв во следните пет минути. Не знаев што да правам. Потоа погледнав надесно и го видов Саги пред влезот на засолништето. До него беше Иса, еден бедуин кој се обидуваше да нè заштити. Кога ги видов Саги и Иса, решив и јас да истрчам кон засолништето. Кога влегов, веќе беше 7:30 часот. Почнав да чувствувам силна клаустрофобија. Засолништето беше многу мало, приближно два на два метра, предвидено за можеби шест луѓе, а внатре имаше триесетина. Мене ми изгледаше како да има шеесет. Денес, кога ја знам целата приказна, можам да кажам дека во засолништето имало 29 луѓе. Шестмина од нив биле земени како заложници, а шестмина успеале да преживеат криејќи се под телата на убиените”, раскажа Маја Изучев.
Меѓу преживеаните е и Јарин Хадида, кој тој ден бил со својата помлада сестра. За разлика од Маја, тој се обидувал да се извлече од опасната зона со автомобил. Едно навидум обично запирање на патот го променило текот на нивното бегство. На една од девојките во возилото ѝ се слошило, па Јарин застанал да ѝ помогне. Неколку автомобили ги престигнале и продолжиле понатаму. Кога по кратко време повторно тргнале, пред себе затекнале уништени возила и убиени луѓе. Тоа биле истите автомобили што само неколку минути претходно поминале покрај нив. Двајцата преживеале.
Во нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше одведено како заложник. Меѓу најпогодените места беше фестивалот „Нова“, каде што беа убиени повеќе од 360 посетители. Три години подоцна, Маја и Јарин ги споделуваат своите искуства со јавноста, зборувајќи за денот кој го промени нивниот живот.
Во истата просторија седеа Саул Блау и Алан Хол, преживеани од Холокаустот, кои како деца го почувствувале нацистичкиот прогон на Евреите. Тие израснале во сосема поинакво време, кога милиони Евреи низ Европа биле лишени од основните права, протерани од своите домови и испраќани во концентрациони и логори на смртта. Холокаустот однел шест милиони еврејски животи.
Холокаустот и нападот на 7 октомври се различни историски настани, со различни размери и околности. Но, сведоштвата на преживеаните потсетуваат дека зад историските бројки секогаш стојат човечки судбини.
За Македонија, приказните за Холокаустот имаат и посебно историско значење. Во март 1943 година, повеќе од 7.000 Евреи од Скопје, Битола и Штип биле депортирани во логорот на смртта Треблинка, од каде што речиси никој не се вратил. Еврејската заедница, која со векови била дел од животот во овие градови, била речиси целосно уништена. Денес еврејската заедница во Македонија е малобројна, но споменот на депортираните останува важен дел од историјата на земјата.
Во Мајами, сеќавањето на жртвите има свое посебно место. Меморијалниот центар на Холокаустот е препознатлив по споменикот „Љубов и страдање“, огромна рака испружена кон небото, опкружена со фигури кои го претставуваат страдањето на жртвите.
Ново на Сител
-

Сушата ја пролонгира есенската сеидба
-

Преглед на вестите од светот
-

Клековски: За Михаилова нема постапка за лекување во странство, се врши надзор во нејзината здравствена документација
-

Тема на денот со Сашо Клековски, министер за здравство
-

Синдикалната кошница над 70.000 денари, Ристески: најголем дел од населението зема плата околу просечната
-

Кривична против Јани Макрадули – Штета во Пошта од близу 11 милиони денари
-

Нови 100 амбулантни возила за цела Македонија
-

Нова понуда за професионалните војници – До пензија да останат во АРМ
