Беровчани најавуваат нова блокада за празниците ако државата не најде решение за имотите
Беровчани се заканија дека ќе ја блокираат туристичката населба и патот кој води до езерето за време на Велигденските празници, доколку не биде повлечена или ревидирана одлуката за прогласување на заштитено подрачје на 11 000 ха шуми и земјоделско земјиште. На денешниот протест пред општинската зграда, истакнаа дека најголем дел од земјиштето е во сопственост на приватни лица, а што се однесува до експлоатацијата на дрвната маса, велат дека тоа веќе е регулирано со Закон.
-Законот за шуми кажува колку може дрвена маса од одредена површина може да се отсече. Поради тоа нема потреба од дополнителна заштита. Со Законот за заштита на природата треба да се исплаќа и надоместок. Доколку некој му ја ограничи експлоатацијата, односно, користењето на земјиштето има право на надоместок. Тој надоместок никој не го споменува-изјави жител на Берово.
Од Министерството за земјоделие се уште нема позитивно мислење, што им влева дополнителен сомнеж за водењето на целата постапка.
-Тоа е уште еден доказ дека нешто не е во ред со тој заштитен предел, штом една цела државна институција нема дадено позитивно мислење-изјави Бранко Скендерски, жител на Берово.
Градоначалникот Звонко Пекевски се сретна со граѓаните и вети дека ќе организира заедничка средба со надлежните институции за да ги произнесе нивните барања, за да се утврди дали се основани и дали претходно донесената одлука треба да претрпи промени.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар