Коцевски не заминува од функцијата, имал премногу работа како Јавен обвинител
По два дена откако Собранието му изгласа недоверба на Љупчо Коцевски, тој денеска отвараше истражен центар во битолското обвинителство. Застана пред телевизиските камери, но, да каже само за придобивките од работата на центарот. Дополнителни изјави немаше, па изостанаа одговори на прашања како гледа на интерпелацијата и дали можеби ќе ја напушти фунцијата.
Во интерју за весникот „Вечер“, Коцевски вчера рече дека нема намера сам да си поднесе оставка. Не ја следел политичката дебата за него, бидејќи како што вели, имал премногу работа. Јавното обвинителство работело на повеќе големи случаи, кои го мотивирале да остане на фунцијата.
„Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази за да ги добиеме на суд: „Онкологија“, случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, убиствата од криминални пресметки и секако, случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката „Пулс“, вели во интервјуто републичкиот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
A, трагедијата во Кочани и денеска беше тема за меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ како лажна ја смета загриженоста на претходната власт за пожарот во „Пулс“, а во заштитничкиот однос кон Коцевски, препознаваат шанса за спас од кривична одговорност.
„Со гумата за спасување која СДС и ДУИ му ја фрлија на главниот обвинител Коцевски, паѓаат во вода сите оние триади од пред конференции за Кочани, лажните повици, хушкања за Кочани каде лажно велеа дека бараат правда. Кога следен пат ќе сакаат да држат пред конференција за Кочани, треба да се потсетат дека истиот предмет го води главниот обвинител Коцевски и нема потреба да повикуваат јавно, нека си го прашаат лично него“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ пак прстот го вперија кон пратеникот на владејачката партија кој доаѓа од Кочани.
„Како член на локалнито Совет за превенција во Кочани, Миле Лефков знаел што се случува во дискотеката „Пулс“, ама молчел. Нека излезе пред граѓаните и нека каже зошто молчел и кого штител. Лефков не донираше ниту денар за настрадите во Кочани. Напротив, јавно тврдеше дека со законот за помош на семејствата се рушел „правниот поредок“, изјави Трајче Стојчевски, Претседател на СДММ.
Министерот Шабан Салиу пак кој е меѓу обвинетите за кочанската трагедија како поранешен директор на Дирекцијата за заштита спасување, порача дека нема намера да поднесе оставка. Вели, додека не бидам осуден, не сум виновен.
Во меѓувреме, на адресата на скопскиот кривичен суд пристигнуваат приговори по обвинението кое гони 34 лица и три фирми.. По разгледување на приговорите, ќе следи и оценка на обвинението за пожарот во „Пулс“.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар