Македонија
3. јуни 2025 - 16:44

Безбедносната зона околу Собрание нема да значи забрана за протести

Иако околу Собранието се воспоставува безбедносна зона, булеварот и околните улици остануваат слободни. Граѓаните и понатаму ќе можат да протестираат и да се собираат, ова право не е ограничено. Безбедносната зона се однесува само на просторот во и околу дворот на Собранието, вклучувајќи ги главниот и споредните влезови, како и тревникот кој се простира на површина од речиси еден ипол хектар. Овој потег, велат надлежните, е со цел да се заштити институцијата, но не и да се загрози демократскиот глас на улица.

- Целта на законот е да се заштити Законодавниот дом од градење на приватни објекти во склоп на институцијата, како што беше предвидено да се гради катна гаража, вели координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. 

Постапката за донесување на овој закон воопшто не е итна, смета координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски. Низ годините се провлекува ова прашање, откако на 2 ипол метри од Собранието беше планирано да се гради катна гаража. Зоната околу Собранието не смее да биде злоупотребена за приватни бизниси, вели Спасовски.

И пратеникот од Европски фронт, Блерим Беџети вели дека заеднички се договориле за овој закон за сосема други цели, а не да се ограничуваат протестите. 

Во рок од 30 дена од влегувањето во сила на законот, земјиштето кај Собранието се враќа на државата, а на инвеститорот ќе му бидат вратени парите од купопродажбата, заедно со трошоците за уредување и евентуалните вложувања.

Земјиштето беше продадено на јавно наддавање во 2013 година, за време на владата на Никола Груевски. Станува збор за катна гаража со дозвола издадена во 2014, која Општина Центар ја поништи во 2018, но по судска постапка, на инвеститорот повторно му беше дозволено да гради.

Со законот е забрането и летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието и безбедносната зона. 

Денеска беше изгласана потребата од донесување на овој закон, а утре законот треба да биде изгласан на Собраниска седница.