Д-р Трајковски: Со враќањето на децата во училиште ќе се зголемат бактериските инфекции
Со враќањето на децата во училише матичните лекари очекуваат зголемување на бројот на болни од грип и други респираторни инфекции. Ако изминатите две недели причина за полните чекални пред ординациите беа новогодишните прослави, наредниот период главни преносители на вируси и бактерии ќе бидат учениците.
-До сега вирусите беа најактуелни, меѓутоа мислам во текот на времето и почнувањето на школската година веќе ќе ги забележуваме и оние бактериски инфекции на пример стрептококна инфекција пред се и каде веќе треба да имаме посериозен третман. Во принцип не е нешто што треба да не загрижува, но апсолутно треба да се внимава и не би требало тоа да биде банално сватено дека може да си функционираме како секој ден, меѓутоа предупредувањата да бидат најмногу насочени кон хронично болните луѓе и тие треба малку повеќе да внимаваат и да не шетаат во поголеми групи на луѓе, вели д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.
Според епидемиолозите пикот на грипот се очекува на почетокот на февруари. За да се избегнат компликации најмногу треба да внимаваат повозрасните, хронично болните и трудниците.
-Ако е дете во прашање или баба и дедо, да не го чуваат внучето или внуката во наредниот временски период од 2-3 недели барем ако ништо друго, да пробаме да ги заштитиме повозрасните бидејќи тие се најчесто хронично болни, иако хроницитетот не е секогаш врзан со годините, така да секој да се заштити онака како смета, а тоа подразбира намалување на што е можно помал контакт со луѓето бидејќи децата веќе ќе почнат да бидат главни преносители и на вируси и на бактерии, вели д-р Трајковски.
Според последниот извештај на ИЈЗ за една недела беа пријавени над 2300 болни од грип, а поради компликации од вирусот минатата недела на Инфективна починаа две лица.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
