Македонија
19. September 2025 - 21:15

Да не се јадат овошјето и зеленчукот од Трубарево, анализи на почвата да се прават и догодина, велат познавачите

Тешко е веднаш да се согледа загадувањето на почвата по пожарот во Трубарево, велат експертите, откако Министерството за животна средина ги објави резултатите за квалитетот на воздухот. Вистинските последици може да се појават подоцна – кога штетните материи ќе навлезат подлабоко и ќе се разнесат преку земјоделските активности. Професорот Чукалиев советува загадената почва да се следи и догодина пак да се прават анализи. 

„Она што е навлезено во почвата, тешко дека ќе го видите сега. Ќе го видиме во некој друг момент кога после едно орање кога ќе го разнесеме по кореновата ризосфера. Не се проблемите сега и готово, има или нема. Треба да се следи, да се биде внимателен“ - Ордан Чукалиев, Факултет за земјоделски науки и храна

Затрупувањето на жариштето со земја е најдобар начин на гасење, вели Чукалиев. Препорачува да се стави уште поголем слој почва, за да не дојде до разлетување на пепелта која, како што вели, има многу повеќе отровни материи.

Сепак, загадувањето, според него, не завршува само на почвата. 

„Кога гори, ние имаме верикално нагоре, топлиот воздух и продуктите на горење се качуваат нагоре. Тие полека како се качуваат и се шират, односно нивната концентрација се намалува. Како се оди подалеку од изворот на горење, таа концентрација станува се помала и помала, бидејќи истата количина на продукти влегува во поголем волумен на воздухот, односно концентрацијата е помала, и би требало да е помалку штетна. Најтешките честички ќе бидат најблиску до изворот на пожарот. Како се оди подалеку ќе доаѓа до седименција и на другите полесни честички, кои се помали. Сето тоа не завршува само на почвата, бидејќи се работи на урбана средина. Завршува и во водата. Завршува на крововите. И бидејќи немаше дожд од тогаш, тука има значајни концентрации на овие продукти од горење. Првиот дожд ќе ги измие. Тие ќе завршат во олуците, од олуците ќе завршат најверојатно во двориштата или во некоја атмосферска канализација. Тоа на крај пак ќе заврши во нашиот главен реципиент Вардар“ - Ордан Чукалиев, Факултет за земјоделски науки и храна

Токсикологот Чибишев, кој беше гостин во тема на денот, препорачува сега да не се јаде овошјето и зеленчукот од Трубарево. Вели загрижувачки се вредностите на кадмиум кои биле 12 пати над дозволеното. 

„Тоа е загрижувачка концентранција, затоа што кадмиумот покрај другите штетни дејства, она што е најопасно кога се внесува кадмиум е тоа што има исклучително високи канцегорени својства. Влезен во организмот може да предизвика малигнизирање, има исклучителен афинитет кон простата и може да предизвика малигно заболување на простата и со тоа да создаде сериозен здравствен проблем кај населението“ – Андон Чибишев, токсиколог
Фабриката за електронски отпад се запали минатата сабота, а густиот црн чад вечерта се спушти во градот. Низ цело Скопје се чувствуваше силен мирис на изгорена пластика.