Македонија
9. November 2017 - 16:40

Дали „скопските“ мерки против загадувањето се слични на светските?

Едни воведуваат забрана за движење на автомобили низ градот кога загадувањето на воздухот е алармантно и го прават јавниот превоз бесплатен, други експериментираат со возење пар – непар, трети пак се фокусирани на електрични возила и планираат забрана за дизел и автомобили на бензин. Вака големите светски метрополи го решаваат проблемот со аерозагадувањето. Кај нас иако концентрацијата на штетните пм честички деновиве е неколку пати над дозволеното властите засега само најавуваат мерки, а во меѓувреме се загрозува здравјето на граѓаните.

Забрана за движење со автомобили низ градот, подобар и бесплатен јавен транспорт, воведување пар-непар, отстранување на дизел такси возилата од сообраќај и повеќе велосипедизам. Вака светските метрополи го решаваат проблемот со загадениот воздух. Еминентниот Гардиaн во анализата посочува примери од неколку градови како се справиле со аерозагаденоста од сообраќајот.

Париз забранува автомобили во многу централни историски области за време на викендите. Го прави јавниот превоз бесплатен и ги охрабрува возачите да не патуваат сами туку со едно возило да се превезуваат повеќемина.

Во Њу Делхи кога аерозагадувањето е алармантно се исклучуваат од сообраќај илјадници такси возила на дизел, а се забранува и управување на автомобили со мотори над 2000 кубика. Експериментираат со воведување пар-непар.

Голем број европски држави пак се фокусирани кон велосипедизмот со изградба на патеки долги илјадници километри. Имаат зони без автомобили во централните градски подрачја и постојано го модернизираат јавниот превоз.

И кај нас сообраќајот е една од причините за зголемената загаденост на воздухот. Иако деновиве концентрацијата на штетните ПМ честички е неколку пати над дозволеното надлежните засега најавуваат само мерки, а во меѓувреме се загрозува здравјето на граѓаните. Периодот зголемен е број на јавувања за лекарски совети има и на “Ало докторе”.

-Овој период има зачестени јавувања поради климатските услови, загадениот воздух и студеното време. Ние ги советуваме да користат повеќе витамини и да не излегуваат наутро и и навечер кога воздухот е загаден, изјави д-р Вера Јањевиќ, дежурен специјалист во “Ало докторе”.

Освен јавувања на “Ало докторе”, деновиве кога аерозагадувањето е неколку пати над дозволеното полни со пациенти се и чекалните во сите здравствени установи кои третираат пациенти со респираторни заболувања.