Македонија
3. July 2025 - 16:49

Даниела Димовска избрана за в.д претседател на Кривичен суд

Најголемиот суд во државата доби нов шеф. За вршител на должноста претседател на Кривичниот суд, избрана е Даниела Димовска. Според Судскиот совет, таа поседувала менаџерски способности и квалитетна биографија. Но, за дел од членовите, не беше прифатлив предлогот. Нејаснотии имало и во законите. 

„Не гледам зошто тоа што сте биле ментор на предлогот на кандидатот предложен од координаторот ви е вас критериум за да прескокнеме 10 судии во тој суд со поголем број на бодови од предложениот кандидат и да одиме на 11от зашто има одлични менаџерски способности“, изјави Тања Чачарова Илиевска, член на Судски совет..

„Факт е дека сме отстапувале од ранг листата кога сме бирале судии. Јас кажав зошто сметам дека не затоа што сум и била менторка. Јас кажав зошто сметам дека има менаџерски способности“, изјави Антоанета Димовска, Член на Судски совет. 

Димовска доаѓа на местото на доскорешниот претседател Иван Џолев, кој денеска даде свечена заклетва како избран судија за во Апелациониот суд. Таму заминуваат уште судиите Оља Ристова, Бетим Јахја и Марија Клетничка Марковска. За претседателот на Судскиот совет нема ништо спорно што една од судијките е сопруга на советник на премиерот. 

„Факт е дека сите тие се долги, долги години судии, над 15, некои 18 години, некои 20 и навистина сега е жално дали нивниот сопруг или сопруга има друга професија и сега целиот нивен живот којшто го посветиле на судиската функција да го поврзуваме со сопругот или со сопругата“, изјави Александар Камбовски, Претседател на Судски совет.

На независност и одговорност денеска се заколна и новиот претседател на Врховниот суд, Африм Фидани.

„Приоритет ќе биде враќање на довербата во судството кај граѓаните. Приоритет на судот ќе биде и соработката со сите институции“, изјави Африм Фидани, Претседател на Врховен суд.

Фидани застанува на чело на Врховен со минималниот број гласови потребни за избор. Поддршка доби од осуммина членови на советот, а петмина беа против. На седницата за избор, за него кажаа дека е непознат за јавноста, а недоволно ги познавал и состојбите во судството.