Македонија
12. August 2025 - 16:36

ДКСК утре ќе му одговори на Собранието дали смее да бира претседател на Антикорупциска

Дали постапката за избор на нов претседател на ДКСК може да продолжи по распишување на изборите? На ова прашање ќе треба да одговори самата антикорупциската комисија откако денеска Собранието информираше дека барањето за мислење го доставиле до ДКСК.

„По престанок на мандатот на претседателката на ДКСК, Собранието постапи согласно роковите утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Тоа се законски рокови мора да бидат испочитувани. За понатамошно постапување во Собранието ќе се направат соодветни консултации. Дополнително, Собранието денеска упати барање за мислење до ДКСК“, информираше собранието.

Барањето веќе е пред членовите на ДКСК и како што велат, најдоцна утре ќе му одговорат на Собранието.

Во меѓувреме, собраниската комисија за избори и именувања, утре ќе избира комисија за селекција на кандидатите за претседател на антикорупциска.

Како ќе продолжи постапката, ќе зависи од ДКСК која треба треба да даде мислење за членот од Изборниот законик кој вели дека со распишување на изборите, не може да се започне постапка за вработување во државни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Според поранешниот претседател на ДКСК, Драган Малиновски, оставката на Татјана Димитровска може да се смета како итен случај, особено што антикорупциска во полн состав треба да го следи изборниот процес.

„По мое мислење, сето она што се случуваше со претседателката на ДКСК наметнува ургентност и итност за пополнување на таа празнина. Со оглед дека во изминатиот период откако тоа се случи, буквално ДКСК како да ја немаме и не забележуваме некоја активност. Така што, повеќе од сигурно е дека треба под итно да се избере претседател“, изјави Драган Малиновски, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Постапката за избор на претседател мора да запре, вели поранешната претседателка Билјана Ивановска. Вработувањето на нов претседател на ДКСК не било итна, ниту неодложба работа.

„Доколку започне постапката за избор на претседател на ДКСК, по донесување на одлуката за распишување на избори од страна на Претседателот на Собрание, постапката треба да се стави во мирување. Итни и неодложни работи се дефинирани во изборниот законик. Во точка 29 си пишува дека тоа се вработувања на определено време заради замена на отсутен работник поради подолго боледување или отсуство, смрт на вработен, изведување на сезонски работи за кои однапред  е утврден потребниот број на  лица и се обезбедени средства со годишните програми , како и вработувања на определено време на наставен кадар за непречено одвивање на образовниот процес. Имајќи предвид дека тука не станува збор во конкретниот случај за ниту едно од наброените, значи нема карактер на итни и недоложни работи“, вели Билјана Ивановска, поранешен Претседател на ДКСК.

Од Антикорупциска преку писмено известување, вчера, информираа дека по распишување на локалните избори, ДКСК нема надлежност и не дава мислења по доставени барања за мислења поврзани со постапување на државната и локалната власт за толкување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Инаку, и по речиси три недели од оставката на Димитровска, нејзиното име се уште стои на интернет страницата како претседател на ДКСК.