Македонија
28. јуни 2025 - 16:31

Доцнат дрвата за огрев за штипските пензионери

Доцнат дрвата за огрев за штипските пензионери. Од Здружението преку кои оди снабдувањето велат дека причините се објективни, зашто во пролетните месеци имаше интензивни врнежи во планините, а теренот не беше достапен за сеча. 

- Некаде околу 30 до 40 % се однесени, но имаме уште многу за носење. Сега во летниот период е топло, има пожари, дали ќе им биде дозволено да носат, доколку веќе немаат спремани дрва, ќе биде потешко. Лани и преклани до месец мај дрвата беа доставени, а сега уште месец – два ќе се носат сигурно, изјави Трајче Зејтиников, благајник во Здружение на пензионери – Штип

Штипските пензионери во просек купуваат по 5 кубни метри дрва за огрев. Преку матичното здружение им се овозможува да плаќаат на 8 еднакви рати, што е големо олеснување за оние кои се со ниски примања.

- За да можат полесно да ги исплатат, зашто повеќето се со ниски пензии. Повеќето се и сами, оти друго е ако двајца земаат пензија, тогаш е полесно. Оваа година имаме побарување за околу 2000 метри кубни дрва, што е малку повеќе од претходната година, додаде Зејтиников

Позитивно е тоа што годинава дрвата се продаваат по пониски цени од лани за 300 денари по метар кубен. Дабот се продава за 4300 денари, а буката за 4100 денари за кубен метар.