Македонија
19. March 2022 - 16:32

Дрвокрадци прават вистински пустош во атарот на прилепското село Ореовец

Дрвокрадците прават вистински пустош во атарот на прилепското село Ореовец, а институциите скоро и ништо не преземаат. Жителите се жалат дека дневно тука поминувалe и по 30-тина шпедитери, натоварени со 60-тина метри кубни дрва. И тоа се случувало буквално секој ден. Групата на дрвокрадци некои денови броела и до 70 мина. Жителите се плашат и за својот живот затоа што добивале закани ако се обидат да ги спречат.

„30 шпедитерии дојдоа, а ние бевме 7 мина, што можеме да направиме? А на едне шпедитер има по двајца дрвокрадци. Се закануваат, ја пали моторката и директно кон нас со пилата се заканува“, рече Борис Наумоски, жител на село Ореовец.

И додека нашата екипа ги снимаше овие изјави во далечината дрвокрадците веќе одеа да сечат дрва. Саво Николоски вели дека дрвокрадците за неколку години 100% му ја уништиле неговата шума, а државата воопшто не го заштитила.

„Има околу 400 до 500 кубни метри украдено дрва од кај мене во период од 3-4 години. 100% се е уништено. Пријавувавме во полиција, понекогаш доаѓаа, ќе дојдат, дрвокрадците ќе му избегаат, овие не можат да ги бркаат да ги фатат и тоа е тоа“, кажа Саво Николоски, жител на село Ореовец.

Дрвокрадците толку се охрабриле што започнале да ја крадат и црковната шума која се наоѓа на стотина метри од црквата. Иако полицијата одзела неколку кубни метри дрва, пред неколку дена, дивата сеча продолжува и понатаму.

„Ги сечат дрвата и со шпедитерите поминуваат низ селото и никому ништо, никој не презема ништо и заминуваат за Прилеп“, додаде Борис Наумоски, жител на село Ореовец.

„Ние се плашиме дека кога ќе снема дрва за сечење дека ќе се започне со влегување и кражби по објекти, како цркви, викендици, а тука има и доста куќи“, вели Гоце Бошкоски, жител на село Ореовец.

Се бара повисоки казни и одземање на целата опрема со која се крадат дрвата.

„По нивното легитимирање самите коњи им ги враќаат на дрвокрадците и тие за неколку дена, со истите коњи, повторно организирани доаѓаат и сечат дрва“, истакна Рубин Талески, жител на село Ореовец.

Спасот за овој криминал се гледа само во организирање голема полициска акција во цел прилепски регион.