Македонија
20. January 2026 - 16:43

ДУИ го обезбеди мнозинството за Законот за прекршоци, Сејф сити нема да се одложи

Нема одложување на „Сејф сити“. Системот на камери за безбеден град стапува во сила на 1 февруари, согласно планираното. Пратениците на опозициската ДУИ попуштија и ќе ги гласаат измените на Законот за прекршоци. Со тоа, власта составена од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“, заедно со Левица и ДУИ, го обезбедува потребното двотретинско мнозинство.

Ахмети го поддржа Законот за прекршоци, кој е последен од низата закони неопходни за „Сејф сити“, уште на лидерската средба кај Мицкоски. Сепак, во петокот неговата пратеничка група изрази резерви за предложените измени. Сега се предомислуваат и велат дека ќе гласаат за измените во име на безбедноста, иако забелешките остануваат и ќе бараат нивно надминување преку идни законски измени.

Од ДУИ реагираат дека СМС-пораките не биле испраќани и на албански јазик, дека граѓаните биле третирани нееднакво бидејќи системот се воведува само во три града, па прекршителите од другите места би останале неказнети, како и дека казните биле превисоки.

И од владејачката ВМРО-ДПМНЕ се сигурни дека „Сејф сити“ ќе стапи во сила на 1 февруари.

Иако нивните гласови повеќе не се неопходни, од опозициската СДСМ сѐ уште не откриваат како ќе гласаат на седницата. Велат дека ја поддржуваат безбедноста, но Филипче во неколку наврати изрази сомнеж околу начинот на чување на податоците од камерите и тоа кој ќе има контрола врз нив.

Седницата за гласање на овие измени, според собраниски извори, се очекува во петок, кога од службени патувања ќе се вратат и пратеници од владејачкото мнозинство.

Од друга страна, сѐ уште нема пратенички договор за избор на Народен правобранител, за што се неопходни гласовите на ДУИ.

На лидерската средба беше постигната и генерална поддршка за законите од реформската ЕУ-агенда, како и за укинување на техничката влада пред избори, иако за ова прашање сѐ уште се очекува став и од СДСМ.