Дваесет средношколски тимови денеска ќе се натпреваруваат за награда од еден милион денари

Дваесет средношколски тимови со најдобрите бизнис-идеи денеска ќе настапат во големото финале на натпреварот за најдобра бизнис-идеја, во организација на Brainster Next College и NU High School Academy, со поддршка на Министерството за образование и наука.
Финалето следува по вчерашното полуфинале, на кое настапија 60 полуфиналисти, а најуспешните 20 обезбедија место во завршната конкуренција за главната награда од еден милион денари за реализација на својата идеја.
Интересот за второто издание на натпреварот бил значително поголем од лани, при што биле пријавени повеќе од 630 бизнис-идеи од средношколци од целата држава. По првата селекција биле избрани 141 проект, а во фазата на јавно гласање биле регистрирани околу 70.000 гласови.
Во финалната рунда, учесниците ќе имаат по пет минути да ја претстават својата бизнис-идеја, по што ќе следуваат уште пет минути за одговарање на прашања од членовите на жирито. При оценувањето ќе се земаат предвид иновативноста, пазарниот потенцијал, одржливоста и можноста за практична реализација на проектите.
Организаторите посочуваат дека натпреварот има за цел да ги поттикне младите да развиваат претприемачки дух, да стекнуваат практични вештини за креирање бизнис-модели, тимска работа и јавно презентирање на идеи пред потенцијални инвеститори.
Основачот на Brainster, Петар Ниновски, претходно посочи дека минатогодишниот победнички тим од Битола со проектот „Систем 4“ веќе ја претворил идејата во реален бизнис, што, според него, е доказ дека средношколските иновации имаат потенцијал за реална пазарна примена.
На полуфиналните натпревари присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која оцени дека големиот број пријавени идеи е показател за креативноста и претприемачкиот потенцијал на младите.
Со денешното финале ќе биде избрана бизнис-идејата што ќе добие финансиска поддршка од еден милион денари за понатамошен развој и реализација.
MИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје
-

Жена од гостиварско брутално претепана од сопругот
-

Албанците го слават Денот на албанското знаме
-

Повторно лажни пораки за наводни сообраќајни прекршоци
-

Над 1.200 лица ќе бидат потребни за изградба на автопатот Прилеп-Битола
-

Јаневска: Не гледам причина за протест ако на студентите им се нуди повеќе
-

Европските либерали од Скопје ќе иницираат укинување на ветото во ЕУ
-

Дебелината кај децата, аларм за родителите и институциите
