Две години условна казна затвор за онкологот Пешевска која призна вина
Онкологот Мери Пешевска која призна вина, судот ја осуди на условна казна. Обвинетата покажала искрено каење, а делото го сторила од небрежност. Според пресудата, условната осуда не била избегнување на казната, туку предупредување што може да ја постигне целта на казнувањето.
Пешевска одговара за сторено кривично дело, тешки дела против здравјето на луѓето. Седна на обвинителна клупа со уште тројца онколози заради несовесно лекување на седуммина пациенти. Таа пред судот рече тоа не биле нејзини пациенти, а за нивното лекување, нејзиниот печат, корисничко име и лозинка ги користел колегата Нино Васев. Рече дека пракса било докторите да користат податоци од свои колеги, ама никогаш не помислила дека ќе биде злоупотребена.
Според судот, условната казна од две години затвор ако во следните пет години Пешевска не го повтори кривичното дело, треба да е поучна и да влијае воспитно кај другите лекари кои дозволуваат користење на својот печат и лозинки.
Во најголем дел од пресудата, се опишува постапувањето на онкогологот Васев. На седумтемина пациенти им давал терапија која не била соодветна на нивната здравствена состојба, па подоцна сите починале. За нивното лекување, Васев користел печат од Пешевска.
За несовесно лекување му се суди и на Васев, и на уште други двајца онколози. Сите рекоа дека не се чувствуваат виновни, па за нив судењето е во тек.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар