Две години затвор за Лидија Димова, треба да врати над 350.000 евра на Националната агенција за европски образовни програми
Две години затвор доби поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова. Таа ќе треба во рок од шест месеци да ја надомести штетата и да врати на агенцијата над 350.000 евра.
Кривичниот суд денеска ја прогласи за виновна за злоупотреба на службената положба и овозможила противправна имотна корист на трети лица од близу 3 милиони денари. За делото измама што и се ставаше на товар беше ослодобена.
Таа денеска по пресудата кажа дека е збунета од одлуката на судијката и дека станува збор за уште една политичка игра, од чија денешна пресуда корист имаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Според обвинението, Лидија Димова, како директорка на Националната агенција за европски програми, од 2018 до 2020 година ја злоупотребила функцијата. Наместо да објави јавен конкурс, таа директно вработувала луѓе како соработници и обучувачи, кршејќи ги законите и правилата за еднаквост и јавност.
Со тоа им овозможила корист на одбрани лица. Во тој период дури беше директорка агенцијата ја тресеа обвинувања дека Димова ги користела европските пари за тренинг на магариња и финансирање фризерски салони.
Денеска во Кривичниот суд, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, ја ослободи од вина и обвинетата Ана Павлиду, за несовесно работење во службата, која била благајничка во времето кога на чело на Агенцијата беше Димова.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар