Македонија
8. February 2026 - 16:28

Две милијарди евра за реформи во комуналниот сектор

Комуналниот сектор се соочува со сериозни системски, финансиски и оперативни слабости, кои со години го кочат квалитетот на јавните услуги. Во обид да се обезбеди поддршка за неопходните реформи во секторот, АДКОМ на маса ги стави клучните предизвици, ги детектира приоритетните инвестиции и потребата од идна техничка и институцинална помош.

- Нашиот напор е да се зголеми соработката и координацијата помеѓу институциите на локално и централно ниво со засегнатите страни во комуналниот сектор и донаторската заедница, се со цел, системско и одржливо решавање на најгорливите проблеми во секторот, изјави Наташа Радојкова, АДКОМ офицер за застапување.

Финансиските потешкотии се резултат на наталожени долгови и блокирани сметки, тарифи под нивото на покривање на трошоците, недоволна ефикасност во наплатата и високи издатоци за електрична енергија и енергенси. АДКОМ е со став дека, финансиската одржливост е предуслов за континуирани и квалитетни услуги, а за тоа е потребна донаторска поддршка за инсталирање на модели за финансиско преструктурирање на претријатијата, за развој на економски одржливи тарифни рамки, пилот мерки за намалување на енергетските и оперативните трошоци. Секако, потребна е и координација помеѓу институциите.

- Осум различни министерства и државни агенции се одговорни за овој сектор на водни услуги, меѓутоа носителот на целиот реформски процес се уште не е познат, а тоа е од клучно значење за сите кои што се вклучено во реформите да можат да следат  заедничка агенда. Да ги усогласат своите политики и своите активности и на тој начин да се очекуваат резултати од реформските процеси кои ќе донесат бенефит за граѓаните, изјави Јане Вртески, консултант.

Во делот на оперативните предизици, постојат високи технички и комерцијални загуби, застарена инфраструктура, ограничена документација и регистар на основните средства. Европската директива налага следните 20 години во водниот сектор да бидат инвестирани 2 милијарди евра во инфраструктура, но инвестициите без правилно управување со средствата се неодржливи.

- Ќе бидат инвестирани во изградба на нови и обнова на постоечките водоснабдителни системи, изградба на пречистителни станици и канализациски системи. Инвестицијата во човечкиот фактор, во знаењето, во технолошките иновации, исто така треба да се смета како капитална инвестиција во овој сектор, додаде Вртески.

Донаторски средства се потребни за финансирање на мали и средни капитални инвестиции, техничка помош за управување со инфраструктурата и јакнење на капацитетите на ЈКП-ја.