Македонија
14. April 2022 - 12:33

ЕУ има поголеми проблеми од билатералните спорови

Европската унија треба воено да зајакне, но и да започне активно да работи на процесот на проширување. Време е земјите од Западен Балкан, а со тоа и Македонија да стане дел од европското семејство, истакнаа учесниците на трибината на УГД на тема „Безбедност, трговија и меѓународно право- можно влијание од руската агресија врз Украина“.

-Сите ЕУ членки треба да бидат свесни дека во моментот имаме поважни прашања, од некои билатерални спорови. Тоа треба да се решава во рамки на Унијата, а не да се користи како пречка да се спречи влезот на друга земја во ЕУ – изјави Даниел Браун, директор на фондацијата „Конрад Аденауер“.

-Се надевам дека оваа страшна војна ќе биде јасен сигнал за нашите општества, во Македонија, Бугарија и во Европа, за носењето на важните одлуки што треба да ги носи членството во НАТО и се надевам дека наскоро Македонија ќе биде членка на ЕУ. Со среќа, изјави Димитар Лилков, центар за европски студии „Вилфред Мартенс“.

Македонските универзитетски професори сметаат дека земјата треба јасно да се позиционира, за да се избегнат потенцијални конфликти. На секој замрзнат проблем ќе му биде потребно повеќе време за негово решавање.

-Во услови на криза, да се подигне свеста кај сите оние кои што носат одлуки на ниво на ЕУ, да се даде јасна перспектива на земјите од Западен балкан дека нивното место е во ЕУ, изјави ЈОВАН АНДОНОВСКИ, УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР

Треба да се подготвиме и за нови удари по економијата и социјалата.

-Претпоставувам дека ќе следат ситуации кои ќе предизвикаат изместување од оној конфорт во кој што бевме доста добар период, за среќа бевме во добар период и она што треба да се направи е добра стратегија и план, како да се амортизира сето тоа за да се подигне жилавоста на општеството, изјави Методи Хаџи Јанев, универзитетски професор.

Едно е сигурно, додаде Хаџи Јанев, а тоа е дека повеќе нема да биде исто како што било досега.