Македонија
20. September 2022 - 12:30

Европска недела на мобилност во Прилеп

Прилеп ја одбележува „Европската недела на мобилност“ чија цел е подигање на свеста за одржлива урбана мобилност и се промовираат чисти, еколошки транспортни решенија. Ориентација, велосипедизам, планинарење, зумба, беа само дел од активностите кои се презентираа пред ученците од основните и средните училишта.

„Ориентацијата е дел од планинарските спортови, ние користиме мапа и компас и целта е за што побрзо време да се најдат означените знаменца на мапата редоследно“, рече Мери Чкрипеска, ОК „Златоврв“.

„Денеска сум јас овде да зборуваме малку повеќе за планинарењето, се надевам дека планинарењето ќе им го доближам и ќе ги мотивирам за почетсто да излезат на планина“, додаде Маријана Ѓорѓиевска, планинар.

Пред децата се претставија и извиднците од Прилеп кои велат дека нивниот број секоја година се зголемува со заинтересирани членови. 

„Ние нудиме нешто што е посебно, што не секој го нуди, се разликуваме од останатите младински организации и спортските клубови, ние нудиме од се по нешто“,вели Владимир Јорданоски, ИО „Феникс“ – Прилеп.

Пред најмладите се одржаа и превадања за велосипедите и едукација за тоа како дечињата да се движат низ сообраќајот во градот. Велосипедите стануваат се попопуларни кај граѓаните и истите се повеќе започнуваат да се користат за спортски активности низ планините како маунтин бајкот, но и како превозно средство низ градот.

„Одзивот е огромен, тука денеска јас сум предавач за планинскиот велосипедизам кој во нашиот град зема се поголем замав, односно се поголем број на деца и возрасни се приклучуваат и излегуваат во планина користејќи го велосипедот како средство, и за рекреација но и за реални потреби низ градот“, кажа Здравко Ристески, претседател на Сојуз на училишни спортови Прилеп.

„За да се продолжи безбедното движење на сите учесници во сообраќајот кои го одбрале велосипедот како превозно средство мораме да сугерираме и да ги натераме институциите да ја прошират таа велосипедска инфрструктура за сите дечиња да се движат и да стасуваат од дома до училиште безбедно“, истакна Даме Димески, здружение „Прилеп На Точак“.

Активностите започнаа во саботата, а ќе трат четврток. Доцна попладнево ќе има трка на 5 км „ПРИЛЕП ТРЧА“.