Филипче ќе набави маски против загадувањето за хронично болните
Додека граѓаните очекуваат конкретни мерки за спас од загадениот воздух, министерот за здравство најави дека до Нова година ќе обезбедат специјални маски за хронично болните и ризичните пациенти. Филипче вели дека планирааат маски за 40.000 лица и истите ќе бидат донација. Анализите се сеуште во тек, но најверојатно заштита ќе добијат пациентите од најзагадените градови Скопје, Тетово и Битола.
-Собираме податоци кои ризични групи на пациенти ќе може дополнително да бидат заштитени со специјални маски и како на истите луѓе ќе им ги поделиме. Се надевам дека за кратко време ќе заврши. Анализите произлегуваат од Мој термин кој ги влече податоците од матичните лекари, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
Во очекување на маските за возрасните пациенти аерозагадувањето ги полни детските болници. Викендот на Клиниката имале над 150 прегледи.
-Најчесто се работи за респиратоирни инфекции, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
Од друга страна Екоактивистите реагираат дека поради неработењето на мерките станици во Лисиче и Гази Баба Владата неможе да ги активира итните мерки против загадувањето.
-Согласно уредбата, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честички е над 200 микрограми на кубен метар во два последователни денови во најмалку две мерни станици во Скопје, тогаш стапуваат на сила мерки како ослободување од работни обврски на бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања, потоа воведување на бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците, зачестени инспекции, посебен сообраќаен режим итн. Фактот што мерните станици за ПМ честички во Лисиче и Гази Баба се нефункционални во екот на загадувањето, укажува на несериозен пристап кон проблемот од страна на надлежните“, стои во соопштението од „Скопје смог аларм“.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
