Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 42 стипендии за студенти по медицина и фармација
Нови 42 стипендии на студенти на медицинскиот и фармацевтскиот факултет и годинава додели Фондацијата “Трајче Мукаетов”. Цела година ќе добиваат по 6500 денари месечно. Фондацијата која е дел од “Алкалоид” за 12 додини стипендираше 500 студенти на медицина и фармација.
- Особено задоволство ми е што годинава се пријавија исклучително талентирани студенти, па одлучивме наместо 40, стипендирани да бидат 42 студенти, со што исполнивме квота од 500 стипендирани студенти за 12 години. Навистина ми е драго што фондацијата „Трајче Мукаетов“ и компанијата „Алкалоид“ биле дел од успешната приказна на 374 дипломирани стипендисти по медицина и фармација до сега – изјави Живко Мукаетов, претседател на фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД Скопје“.
И годинава Фондацијата “Трајче Мукаетов” додели по 1.200 евра еднократна парична помош на првенците на генерација на медицинскиот и фармацевтскиот факултет.
- Искрено ме радува и прикажаниот просек на првенците годинава. Еден од првенците веќе во наредниот месец ќе ја започне својата кариера во „Алкалод“, а до крајот на годинава вкупно 81 стипендирани студенти ќе бидат дел од компаниските процеси. Стимулирањето и наградувањето на младите таленти се надевам дека ќе биде мотив повеќе за испорачување на уште подобри резултати и уште повисоки идни дострели во областа на македонското здравство и фармација – рече Мукаетов.
Инаку од 2009 година до денес во Алкалоид биле вработени 79 стипендирани студенти кои завршиле фармација или медицина, а идниот месец професионално ќе бидат ангажирани уште двајца стипендисти.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
