Македонија
12. April 2022 - 12:24

Фото изложба во Прилеп

Во домот за култура Марко Цепенков во Прилеп се одржа 9-тата по ред клупска изложба на уметнички фотографии, која што традиционално се реализира секоја година во чест на фотографот Јордан Зазоски – Зазо. На изложбата беа претставени дела на 60 претежно млади автори. Фото кино клубот Прилеп брои околу 200 членови од кои 80-тина се активни и е единствениот на ниво на Македонија кој работи со млади.

„Фото кино клуб Прилеп е единствен во Македонија кој работи со млади, а додека другите клубови полека се повлекуваат и немаат ентузијазам да работат со млади“, рече Сашко Попоски, претседател на фото кино клубот Прилеп.

Секој од овие млади таленти има свој посебен жанр во фотографијата и различна причина зошто го одбрал токму него. Сите во иднина се гледаат како професионални фотографи.

„Фотографијата ме инспирира да се изнесам на креативен начин, го сакам тој стил на портрет, а ја обожавам и црно-белата фотографија. Има луѓе кои сакаат да се сликаат, други не, така што нас ни е тешко да најдеме модели“, рече Наталија Десоска, фотограф. 

„Оваа година се задржав повеќе на урбаната фотографија, односно street фотографијата и дел од land scape фотографијата. Сакам повеќе да ги менувам стиловите, затоа што сакам да пробам повеќе стилови кои можам да ги фотографирам“, истакна Андреј Ристески, фотограф.

На изложбата присуствуваше и сопругата на Јордан Зазоски – Зазо.

„Долги години се до крајот на својот живот тој го посвети на фотографијата и на аматерскиот филм, исто така и за издигнување на културата во нашиот град. Голема чест ми е што оваа изложба го носи неговото име“, рече Роза Зазоска, сопруга на Јордан Зазоски – Зазо.

Идната година ќе биде јубилејна за оваа изложба, а од фото кино клубот се надеваат дека ќе ја одбележат со најголем број фотографии досега.