Георгиев: Спречивме Мицкоски да го искористи ЕП за политичка пропаганда
Шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, смета дека со отстранувањето на македонски јазик и идентитет од извештајот за Македонија, Софија спречила Европскиот парламент да биде искористен за домашна пропаганда на премиерот Христијан Мицкоски. Нарекувајќи го северномакедонски премиер, Георгиев во телевизиско гостување рече дека неговата земја била фактор во ЕУ, а земјава, како кандидат морала предвид да го има тоа.
Премиерот Мицкоски, нарекувајќи го Георгиев, „момче“, смета дека шефот на бугарската дипломатија извршувал наредби за владата во Софија со која друг управувал.
„Јас реков дека тоа момче е пратено за да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност и апелирам и до вас медиумите. Оставете го тоа момче таму. Тоа е влада која во позадина друг ја раководи, тие луѓе треба да одработат. И му рекле, му дале задача, ајде сега закачај се. Тоа е исто како глушецот кога го задева лавот“, изјави Мицкоски.
Во владејачката партија сметаат дека со гласањето во Европскиот парламент, Бугарија покажала дека внесувањето на бугарите во македонскиот устав нема да е последното барање на Софија.
„Вистинските цели на Бугарија од вчера се на чисто, тие сакаат бришење на Македонскиот јазик и идентитет, бришење на историјата и бришење на вистината.Трагично е што за своите шовинистички политики се обидуваат да ја користат ЕУ“, изјави Драган Ковачки ВМРО-ДПМНЕ.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар