Македонија
3. јуни 2021 - 12:26

Гевгелија го затвори ковид центарот

Гевгелиската болница го затвори ковид центарот, а одделите кои беа адаптирани за таа намена се враќаат за работа по редовната програма како пред пандемијата. Ова доаѓа како резултат на поволната епидемиолошка слика во општината во која во изминатите петнаесетина дена нема регистрирано ниту нови случаи, ниту пак  хоспитализирани пациенти.

„Сега ковид модуларната болница всушност работи некако како дневна болница за оние кои што би имале инфективен синдром или би биле потенцијални кандидати за ковид позитивни. Меѓутоа факт е дека немаме ковид позитивни пациенти, така да  чисто се состои само на консултација или контроли на оние пациенти кои што биле претходно заболени од ковид позитивна симптоматологија. Практично поголем дел од одделенијата веќе се вратени во она што го викаме нормален режим на работа“,вели д-р Митко Крџев - директор на Општа болница Гевгелија.

Во меѓувреме расте интересот за имунизација од страна на граѓаните од овој регион кои вакцина може да примат во Гевгелија, но и во регионалниот пункт во Кавадарци.

„До сега овде во нашиот пункт со прва доза се вакцинирани некаде околу 1600 лица. Во тек е ревакцинација на тие лица што би требало за едно десетина дена да се заврши, односно до крајот на месецот заради пролонгираниот рок за втора доза за оние лица кои се вакцинирани со вакцината Астра Зенека. Јас се надевам дека ќе имаме поголема пратка на вакцини тука за Гевгелија заради тоа што нашиот пункт е во способност  да издржи голема бројка на лица кои што се заинтересирани за имунизација“, вели д-р Крџев.

Во моментов на подрачјето на  четирите општини што ги покрива гевгелиската општа болница активни се 10 случаи со корона вирус. Од нив 7 во Гевгелија, 2 во Богданци и 1 во Валандово,  одека во Дојран веќе подолго време нема регистрирано ново инфицирани.