Годишно по 4000 новозаболени од астма
Околу 5 проценти од населението во Македонија страда од астма. Се зголемува бројот на лица со ова хронично заболување. Годишно се регистрираат над 4000 заболени. Но, од друга страна стагнира бројот на хоспитализирани пациенти. Според пулмолозите современата терапија дава ефекти астмата да се контролира.
- Бројот на амбулантски прегледи е зголемен, меѓутоа бројот хоспиталните болни во изминатите пет шест години стагнира, изјави проф. д-р Бисерка Јовковска Ќаева, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.
- Терапијата која ја даваме, посочи, е современа, а пациентите за да постигнат ефект мора редовно да ја примаат и да не ја прекинуваат, бидејќи тоа води до вложување на состојбата на пациентот, изјави проф.д-р Горица Брешковска, од Клиниката за пулмологија и алергологија.
Според пулмоалерголозите астмата е збир од повеќе болести, а поради сличноста на симптомите понекогаш е тешко да се дијагностицира.
- Многу е важно да се откријат подваријантите, да се открие механизмот на кој секоја од овие болести настанува за да имаме поединечен индивидуален пристап во лекувањето на пациентите, рече проф. д-р Дејан Докиќ, од Клиниката за пулмологија и алергологија.
Инаку најчести причини за појавата на астма се бројните алергени и зголеменото аерозагадување.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
